Прво па машко. Една секунда по полноќ се роди првото бебе во 2025, а Јаков е и прва среќа во семејството Догазански. 32 годишната Сања Талевска Догазанска го родила Јаков со царски рез, и вели дека тој е најубавиот новогодишен подарок за нивното семејство.
Ноќва заедно со Сања своите рожби ги добиле уште пет мајки. Дежурната екипа вчера имала доста напорно дежурство и минатиот ден имале вкупно осум породувања. Традиционално, надлежните со подароци и златник на првородените бебиња порачаа дека треба и добра стратегија за пораст на наталитетот во државата.
Освен во Чаир, каде некоја минута по полноќ се роди Аја, женско е и првото бебе родено годинава во болницата во Кавадарци. Женско и машко бебе дојдоа на свет во Охрид во Новата година. Првите бебиња во Велес пак се две близначки, а во Општата болница во Кочани првото новороденче во новата година е машко. Во штипска приватна болница на свет дојде прво машко здраво бебе, а во штипската Клиничка болница Андреа се родила само неколку секунди по полноќ.
Инаку, минатата 2024 во Скопје се родиле вкупно 3.873 бебиња.