Проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ ѝ е познат на јавноста како еден од најактивните претставници на академската заедница. Автор е на 4 книги, над 165 публикации, учесник во над 100 проектни активности, многубројни едукации, подготовка на повеќе од 40 стратешки документи, добитник на многу признанија и награди, економист кој секогаш отворено дискутира за предизвиците со кои се соочува нашата економија, а често нуди и конкретни решенија за унапредување на различни економски сектори. Проф. Треновски во разговорот за fakulteti.mk ја отвара долго запоставената тема поврзана со улогата на академската заедница во развојот на нашето општество – што може и што треба да преземе академската заедница за да ја оправда својата улога?
Во разговорот професорот дава јасни одговори на повеќе клучни прашања:
• Кои се клучните атрибути на добар професор?
• Каква е улогата на истражувањата во креирањето решенија за напредокот на земјата?
• Дали академската заедница треба да има активна улога во креирањето политики и реформите во државата?
• Како академската заедница може да влијае врз долгорочниот напредок на нашата земја?
• Како треба да изгледа соработката помеѓу академската заедница и јавноста?
• Каде треба да ги насочиме нашите напори за долгорочен економски напредок?
Проф. Треновски укажува дека за да бидете професор и да имате можност да учите и воспитувате е огромна чест и задоволство, но воедно и огромна одговорност која не смеете да ја занемарите и мора да ја носите со себе. Според него клучните атрибути на добар професор се страст/ерудиција за науката, да се биде без компромис за вистината, да имате способност за комуникација и инспирација, висок интегритет, како и стручност и капацитет за истражување и дејствување со цел подобрување на околината во која живееме.
Потенцира дека соработката меѓу различни образовни институции, како и соработката со јавниот и приватниот (бизнис) сектор е неопходна за креирање стручно обучени кадри кои ќе се соочат со предизвиците на глобалната и локалната економија и ќе ги носат промените во нашата земја. Од друга страна од особена важност е анализите, препораките за политики и промени да се препознаат и прифатат од креаторите на политиките и да се имплементираат од страна на институциите, во спротивно ќе останат само како добри анализи, препораки и идеи кои не се оптимално употребени за националниот развој. Тргнувајќи од тоа академската заедница не само што треба да има активна улога, туку има обврска да биде вклучена во креирањето политики и реформи. Универзитетите и истражувачките институти според него може да понудат објективни препораки базирани на факти – кои ќе помогнат во креирањето реформски пакети кои се научно поткрепени и кои ќе обезбедат долгорочен национален развој. Во денешното општество, професорот потенцира дека академската заедница не е само чувар на знаењето, туку треба да биде и активен учесник во креирањето нови идеи и решенија за актуелните проблеми.
Академската заедница, покрај граѓанскиот сектор, е клучен фактор за објективна анализа на опкружувањето, политиките кои се преземаат, реформите кои се најавуваат според Треновски- оттука според него без компромиси за вистината треба на адекватен начин академската заедница да комуницира со јавноста. Професорот цитирамe” чувствувам секојдневна одговорност пред нашите граѓани да ги следам, анализирам и дискутирам клучните економски/општествени прашања и дилеми – академската природа не ми дозволува да бидам рамнодушен на секојдневните предизвици со кои се соочуваат нашите институции и граѓани” На прашањето за неговиот придонес и бројните награди и признанија кои ги има добиено, што му причинува задоволство одговоара “ Кога ќе слушнете од млади, средовечни и постари наши граѓани пофални зборови на улица, во амфитеатар, во продавница – кога ќе добиете дополнителни прашања за тоа „дали ќе нѐ биде“, кога ќе видите задоволство на нивните лица кога зборуваат за вашиот придонес – академскиот граѓанин ја постигнал својата најважна мисија, а најважната награда е веќе примена”. Особено изненадува неговата практика во работата на проекти од јавен интерес каде посочува дека неговата обврска кон јавниот интерес ја изразува преку активно вклучување и давање придонес во сите иницијативи/проекти од јавен интерес, меѓутоа практикув секогаш проектните активности од јавен интерес да ги реализира без надомест од јавниот сектор – што според него му овозможува академска независност, го чува неговиот интегритет и му овозможува простор за оптимален придонес во секоја активност.
Целиот разговор со Проф. Треновски проследете на Факултети.мк – клик овде.