И понатаму нема никакви официјални информации за судбината на младиот Стивен Ивановски, кој исчезна за време на разорниот пожар што избувна во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот скијачки центар Crans-Montana.
Досега се проверени сите болници низ Швајцарија, но Стивен не е евидентиран како примен пациент. Надежите на семејството сега се насочени кон здравствените установи во Франција и Италија, каде што се надеваат дека можеби ќе се појави некаква информација.
„Сè уште нема апсолутно ништо. Семејството живее и работи таму повеќе од 20 години. Проверени се сите болници во Швајцарија и го нема. Сега се надеваат дека ќе се појави трага од болниците во Франција или Италија“, изјавил роднината.
Од Министерство за надворешни работи вчера потврдија дека кај нив е официјално пријавено исчезнувањето на Стивен и дека амбасадите се во состојба на зголемена подготвеност, со отворени телефонски линии за сите на кои им е потребна помош или информација.
Стивен последен пат бил виден во новогодишната ноќ, во моментите кога избувнал пожарот во барот, во кој животот го загубија десетици лица, а голем број беа повредени. Оттогаш, за него нема никаква потврдена трага.
Според апелите објавени од неговите најблиски на социјалните мрежи, во моментот на исчезнувањето бил облечен во бели панталони и бел дуксер, а можно е со себе да ги имал и препознатливите очила за сонце што се гледаат на фотографиите кои кружат на интернет.
Семејството и пријателите упатуваат итен повик до сите кои можеби го виделе Стивен, располагаат со каква било информација или знаат дали бил примен во болници во Женева, Цирих или во други европски земји, веднаш да се јават на следните телефонски броеви:
076 415 0868
076 385 7165
078 229 5745
„Братучед ми е исчезнат во пожарот во Швајцарија. Ако некој го има видено, ве молиме да нè контактира“, стои во апелот што го споделуваат неговите најблиски.



