Пратениците ги изгласаа интерпелациите за петте членови на судскиот совет избрани токму од законодавниот дом. Ова значи дека им е изгласана недоверба на членовите Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа. Според владејачкото мнозинство дел од нив целосно го нарушиле интегритетот на советот.
“Ние мораме да направиме тоа што е во наша надлежност да го зголемиме интегритетот на оваа институција којшто членови како Селим Адеми и Весна Дамева ја руинираа таа институција и ја сведоа на најниско можно ниво по рејтинг и во јавноста и помеѓу судиите”, рече Антонио Милошоски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ .
Опозицијата пак денеска го повтори ставот дека интерпелациите се незаконски, а во делот на гласањето пратениците на СДСМ, ДУИ ја напуштија салата.
„Оваа интерпелација е без законска основа, меѓутоа и без правно дејство. И да биде усвоена и изгласана во собранието, ќе заврши исто како и претходните интерпелации и повторно ќе очекуваме да после дебатата ги замолиме да си поднесат оставки„, рече Оливер Спасовски координатор на пратеничка група на СДСМ.
И покрај ваквиот став на опозицијата, за владејачкото мнозинство е јасно дека преку интерпелациите морало да се прикаже дека состојбата во правосудниот систем е целосно нарушена.
„Факт е дека не сте функционални како совет и дека имавте неуспех во овој систем и за тоа ние го констатираме ова. Ако не констатираме дека на некоја куќа и се извадени столбовите, потоа ќе се чудиме како куќата е срушена, затоа ние ја констатираме сегашната состојба„, рече Халил Снопче, пратеник на ВРЕДИ.
И покрај изгласаната недоверба членовите на советот на крај сами ќе треба да одлучат дали ќе се повлечат од позициите во советот или не. Според достваените одговори на интерпелациите до Собранието, ниту еден од нив не изразува волја дека ќе се повлече од функцијата член на судски совет.