Помош за стари и изнемоштени лица: Од Општина Кисела Вода стартуваше проектот „Итно Копче”

155

Од денес, Општина Кисела Вода е првата локална самоуправа која ја имплементираше услугата „Итно Копче” во соработка со Црвениот Крст. Се работи за аларм уред поставен на нараквица кој на постарите и изнемоштени лица во случај на итна здравствена потреба им овозможува да искомуницираат со оператор или да им биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.

Услугата, за почеток е достапна бесплатно за 40 корисници, а тенденцијата е овој број да се зголеми, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој му се заблагодари на Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити за сите досегашни заеднички проекти. Презентирајќи го „Итно Копче”, информираа дека продолжува и проектот за бесплатен транспорт на овие лица, кој стартуваше од Кисела Вода минатата година.

-Општина Кисела Вода денеска ја започнува новата услуга „Итно Копче“, наменета за нашите постари и изнемоштени сограѓани. Оваа услуга, која е достапна 24/7, е овозможена преку соработката со Црвениот крст и претставува уште еден чекор напред во нашата посветеност кон грижата за најранливите категории на граѓани. „Итно Копче“ е иновативен аларм-уред кој на нашите сограѓани им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време. Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом. Општина Кисела Вода и досега беше лидер во обезбедување на услуги за постарите и изнемоштените лица и лицата со посебни потреби. Ние први започнавме со услугата за бесплатен превоз, овозможувајќи им на нашите повозрасни сограѓани транспорт до лекар или до некоја институција за вршење на административни услуги. Оваа услуга продолжува и годинава, но со големо задоволство ја промовираме и новата услуга со бесплатни нараквици со итно копче. За почеток, општина Кисела Вода обезбедува вакви нараквици за 40 корисници, со надеж дека оваа бројка ќе се зголеми во иднина. Се надеваме дека и другите општини, а зошто не и Градот Скопје, ќе ја следат оваа траекторија и ќе се приклучат кон обезбедувањето на подобри услови за граѓаните. Нашата мисија е да обезбедиме безбедност, грижа и поддршка за сите наши сограѓани, а „Итно Копче“ е уште еден значаен чекор во остварувањето на таа мисија, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

претходниот член,Еден од осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ сега тврди дека е невин, телото сè уште не е најдено
Следната статијаКумановец со „туран“ удрил жена пешак