Платен 250 евра, Васил телефонот го добил во опаковка со колачи – познато со кој разговарал, дознава Скопје1

10348

Возачот Васил Јованов кој со возило ја усмрти Фросина Кулакова на „Партизанска“ го набавил телефонот од притвореник кој е од Гевгелија, а издржува притвор во затворот во Шутка, дознава „Скопје1“.

Според извори во установата, телефонот бил пренесен од ќелија во ќелија преку затворена опаковка колачи. Услугата чинела 250 евра, а бидејќи Јованов ги немал внатре, парите биле платени кај блиска роднина на затвореникот, од страна на лице блиско до Јованов. Но останува отворено прашањето како и кога бил внесен телефонот во затворот, покрај сите контроли и метал-детектори низ кои минуваат пратките за затворениците. Неофицијално, според правилниците, строго забрането е да се пренесува било што, па макар и храна, од ќелија во ќелија.

Уште од првиот ден, кога Јованов влегол во притвор, почнал да бара телефон. Иако е јавна тајна дека уреди има низ повеќе ќелии, никој не се осмелил да му даде. Сепак, овој муабет стигнал до притвореник кој е во затворот повеќе од година. Тој се понудил да му обезбеди, но и да биде платен.

Најтешкиот дел бил како да се пренесе телефонот од ќелија во ќелија. Па, за тоа искористиле дежурен вработен кој го обезбедувал тој дел од затворот. Притвореникот го замолил затворскиот полицаец да однесе благо до соседната ќелија, под изговор дека немале и им барале, тврдат затворски извори за „Скопје1“. Полицаецот не се посомневал и само им ја подал опаковката со колачи.

Договорот бил, плаќањето на уредот да биде надвор од затворот, бидејќи Јованов со него немал пари.

„Скопје1“ поседува информации кој точно го платил уредот надвор од затворот, а засега ќе посочиме само дека станува збор за лице од блиското опкружување на Јованов. Останува отворено прашањето, како и кој го внел телефонот до затвореникот кој наплатил за да му го даде на Јованов.

Според нивни информации, Јованов од телефонот исконтактирал со неговата девојка, како и со родителите. Разменил пораки и повици. Телефонирањето траеше кратко, бидејќи друг затвореник, го фотографираше, па почнал да се фали со фотографиите надвор од установата. За на крај, тие да завршат во јавност.

„Скопје1“ побара потврда за овие информации од директорот на затворот, Бобан Утковски, кој рече дека во тек е истрага и дека засега не може да коментира и споделува информации. Утковски посочи дека штом се утврдат сите детали, тие сите информации ќе ги споделат со јавноста.

Целиот текст на Скопје1 – клик ТУКА.

Претходна вестНеготино преживува уште една драма: Каде исчезна младиот Миле – го нема веќе трет ден
Следна вестTатко на Фросина порача: Направија друштво за наддавање како аукциски куќи „Кој ќе плати повеќе мито тој добива“