Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов денес апелираше судиите да закажуваат судења во новата судница во Идризово. Тој ја поздрави одлуката на судијата Даниела Димовска денешното судење за предметот „Адитив“ да го закаже во судницата во Идризово и повика останатите судии, вклучително и оние за пожарот во Кочани, да го следат нејзиниот пример.
-Јас во тоа име им се обраќам сега, како повик на секој еден судија, не знам кој ќе биде на тој случај, меѓутоа јас искрено верувам дека сега ги имаат сите услови и судиите и правните застапници на обвинетите во овој прекрасен објект да се одвива тоа судење. Искрено верувам дека тоа ќе биде тука, рече директорот Пандов.
Тој потсети дека судницата со европски пари е изградена во 2020 година и од тогаш стои празна.
-Првото судење е направено дури после две години, во 2022 година и од тогаш, за жал, до ден денес оваа судница седи празна. Оваа судница е под Управата за извршување санкции меѓутоа ова е пред се и над се на Република Македонија. Ова е судница која е буквално европска судница и која што заслужува многу почесто да биде користена. Би сакал да ги охрабрам, да ги повикам сите останати судии, особено поголемите случаи каде што има поголем број на обвинети, да ја користат. Судницата е во одлична кондиција. Нешто ако недостасуваше технички, сега пред ова судење го поправивме, проширен е и пристапниот пат. Посакувам и верувам во тоа дека во идно време оваа судница ќе биде почесто користена, рече директорот Пандов.
До крајот на годинава или најдоцна на почетокот на следната година Пандов очекува на стотина метри од судницата да почне и изградбата на планираниот притвор. Рече дека не му ветиле, туку му кажале дека е можно во јуни да бидат одмрзнати парите од кредитот од Банката за обнова и развој кои беа замрзнати поради многубројните забелешки за работењето на македонските затвори и на Управата за извршување санкции.
Судницата во Идризово е најголемата судница во земјава. Изградена е на површина од 1000 квадратни метри со судска сала од 290 квадратни метри и има капацитет за околу 120 лица. Има посебни простории за обвинетите , канцеларии за судиите и обвинителите, простории за адвокатите, современ систем за заштита на сведоци со можност за менување на сликата и тонот, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи како и соодветен безбедносен и мониторинг систем.
Целта беше во неа да им се суди на притворени и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедно ризичен.
Изградбата на судницата чини вкупно 1,3 милиони евра од кои речиси 975 илјади евра се обезбедени преку ИПА акциската програма „Поддршка за секторот правда” на ЕУ,безбедносната опрема беше обезбедена со донација на Амбасада на САД во вредност од над 60 илјади евра, а Владата од буџетот издвои околу 283 илјади евра финасиска помош и дополнителни 45 илјади евра преку Управата за извршување на санкции за набавка на мебел и опрема.
Судницата, во ноември 2022 година, официјално ја пуштија во употреба тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски, тогашниот амбасадор на ЕУ во земјава, Дејвид Гир и поранешниот заменик-шеф во мисијата на амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.