Почина Костадин Икономов-Коце (78), гитаристот на култните македонски групи „Безимени“, „Бис-Без“ и „Мањифико“ и долгогодишен член на Ревискиот оркестар на МРТ.
Починал вчера во Скопје по кусо боледување, јавија повеќе македонски медиуми.
Неговите колеги и пријатели со емотивни посвети се простуваат на социјалните мрежи, а лична приказна за легендарниот музичар раскажа Драган Б. Костиќ.
„Пред некоја година седевме со мојот кум Градо Здравковиќ (со години во Канада) и Коце Икономов, мој пријател и речиси сосед (од исто маало) од поштенската зграда спроти бензиската на некогашна ЈНА. Доктор, по одбрана професија (која воопшто не ја упразнувал), гитарист во оркестрите на МРТ, и основоположник на македонскиот поп-рок, како член на групата „Бис-Без“. Тројца стари скопјани, муабети без крај. Бараше да му снимам песни од шеесетите, од неговата младост, договоривме, ќе се слушнеме. Неколку години подоцна, се видовме на изложбата за старо Скопје, во просторот на Стара железничка, денес музеј на градот или така нешто. На прв поглед од подалеку не го препознав, а потоа му пријдов, срдечно се поздравивме, си помуабетивме. Не изгледаше добро, делуваше уморно, ми рече дека паднал незгодно, повредил глава, имал последици..
Пред некои петнаесетина години, подготвував специјална радио емисија за „Бис-Без“, правев интервјуа со сите (ми се чини), а договарав и телевизиска емисија за МРТВ. Ништо не излезе од сето тоа како и за проектот 100 песни 100 приказни во кои имаше и две со „Биз-Без“. Но, тоа лежи на совеста на министрите за култура и нивните советници. Сакав во овој текст да избегам од содржината, главната вест, за да не зборувам за неа, ама реалноста е сурова: „Почина Коце Икономов, еден од основоположниците на македонскиот рок, доктор, одличен виолинист, сталожен гитарист, сигурен предводник, урнек, композитор, мирен, добар човек. Во една реченица, децении. Плодна работа, исполнет живот. Почивај во мир, драг пријателу“, напиша легендарниот радиоводител и диџеј на „Фејсбук“.