Од болницата „Папаниколау“ во Солун си замина и последната пациентка која настрада во пожарот во Кочани на 16 март

153

Од општата болница „Папаниколау“ во Солун, вчера беше отпуштена и последната пациентка, која заедно со уште две лица беа хоспитализирани на 16 март, само неколку часа по трагичниот пожар во Кочани, додека пак во Грција, на лекување остануваат уште двајца повредени, згрижени во атинската воена болница.

Од солунската болница, денеска преку соопштение информираа дека и тројцата пациенти на возраст од 19, 25 и 26 години веќе се отпуштени и заврши тешкиот, но успешен циклус на хоспитализација на тројцата млади кои со сериозни изгореници првично беа хоспитализирани на Одделот за изгореници со клучна поддршка од Одделот за интензивна нега, а потоа, следеше нивна грижа во Клиниката за пластична хирургија и хирургија за раце при болницата.

Првата пациентка беше отпуштена на 11 април, вториот пациент пред две седмици, а последната пациентка хоспитализирана во „Папаниколау“, синоќа си замина од болницата.

Текот на нивната здравствена состојба покажа стабилно подобрување, како резултат на колективниот напор и високата научна способност на медицинскиот персонал на инволвираните одделенија. Последниот отпуст беше издаден на 26 мај, во силна емоционална атмосфера, означувајќи го почетокот на нивното враќање во нормалноста. За персоналот во болницата, најголема награда беа насмевките на пациентите и нивните семејства, соопштија од „Папаниколау“.

Претходна вестНародната банка ги зајакна капацитетите за климатските ризици со поддршка на ЕИБ
Следна вестМасовна тепачка на нива во струмичко – се тепале 11 лица