Ништо повеќе нема да биде исто: Почина коментаторот Един

249

Трагична вест денеска ја потресе спортската јавност, откако беше соопштено дека починал познатиот новинар и спортски коментатор Един Авдиќ. Тој почина во 48. година од животот, а причината за смртта засега не е позната.

Един Авдиќ беше едно од најпрепознатливите имиња во спортското новинарство во регионот, особено во кошаркарските кругови, каде што важеше за врвен познавач на НБА лигата и европската кошарка.

Роден во Сараево во 1979 година, Авдиќ уште од најмала возраст се занимавал со кошарка во редовите на „Босна“, клуб кој во годината на неговото раѓање стана европски шампион. Во младинските категории настапувал како бек, а подоцна во сениорскиот тим играл на позицијата плејмејкер. По одреден период, се повлекол од професионалната кошарка и се посветил на образование, каде што дипломирал на Факултетот за политички науки во Сараево.

Својата медиумска кариера ја започнал на Федерaлната телевизија, а подоцна продолжил на телевизијата ОБН, каде се истакнал со своите енергични преноси на НБА натпреварите и натпреварите на репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

Еден од најпознатите моменти во неговата кариера останува легендарниот коментар од натпреварот меѓу Босна и Литванија, кога Мирза Телетовиќ постигна тројка од голема далечина, по што се роди познатата фраза „Мирза од паркинг“.

Подоцна, на телевизијата „Арена спорт“, Авдиќ заедно со Ненад Костиќ формираше еден од најпознатите коментаторски тандемски двојки во регионот, чиј пренос на НБА и регионалната кошарка остави силен печат и стана препознатлив бренд.

Нивниот коментар на легендарниот кош на Душан Кецман во Загреб на натпреварот Цибона – Партизан остана еден од најпознатите моменти во спортските преноси.

Во последните години, Авдиќ беше автор на подкастот „X&O’s chat“, во кој разговараше со некои од најголемите имиња во светската и европската кошарка. Меѓу неговите гости беа Жељко Обрадовиќ, Милош Теодосиќ, Никола Јокиќ, Еторе Месина, Жарко Паспаљ, Василис Спанулис и многу други познати имиња од светот на кошарката.

Неговата смрт претставува голема загуба за спортското новинарство и кошаркарската заедница во регионот.

Претходна вестАвионот со македонските фудбалери итно се врати во Истанбул