ТАПАНИТЕ НА ВОЈНАТА ПОЧНАА ДА ЧУКААТ ВО ЕВРОПА
Ризиците за војни во Европа и низ светот
Војната веќе влезе во мода, или поумерено кажано влегува во мода на светската сцена повторно, а особено на европската. Во фокусот на овој текст се ризиците и околностите за војна или војни во Европа и делумно низ светот. Фокусот на текстот не е за тоа кој е во право, или кој кого подржува, бидејќи тоа веќе не е ни тема, туку кои се ризиците и можниот развоен пат на настаните кои ќе произлезат од тие ризици. Какви разврски и случувања се можни независно дали до нив би се дошло по мирен пат и дијалог или се поизвесно со војна. Речиси сите земји во Европа засилено набавуваат оружје и се подготвуваат за војна. И големите земји и многу од помалите, вклучувајќи ги и балканските. И сите политички, воени и разузнавачки лидери на клучните и најмоќни држави отворено говорат за веројатна војна. Низ Европа веќе до некаде се креираше воена атмосфера.
Повторно дојде време на воена атмосфера, на воена психоза во Европа и пошироко низ многу региони во светот. Сведоци сме веќе подолг период на секојдневни како никогаш до сега жестоки изјави на највисоките политичари и највисоките воени преставници на државите во Европа и во Русија, дека едната страна се подготвува за агресорски напад на другата, и обратно. Веќе отворено премиери и претседатели на многу значајни европски држави изјавуваат дека војната меѓу Русија и Европа веќе е почната, се разбира сеуште не со полна сила и моќ.
Од втората светска војна до денес во Европа немало период на поголеми политички и воени напрегнувања, тензии и поголема изграденост на атмосфера и психоза за војна.
Истовремено сведоци сме на изразено големи его како никогаш во последните 80 години на некои водачи на големите држави од кои зависи дали ќе има војна или мир.
Се чини дека 2026 година со сигурност ќе биде година на агонија во Европа. Во 2027 година, ако не се промени правецот, веројатно и многу повеќе од тоа.
Претседателот Трамп неодамна изјави дека спречил или запрел 7 војни, а заедно со последното запирање на израелско-палестинскиот конфликт веќе станаа 8. Ги наброја: Индија-Пакистан, Азербејџан-Ерменија, Камбоџа и Тајланд, Конго и Руснда итн. Познато е дека активно работи на запирање на најмалку уште една војна, онаа во Украина. За жал сеуште без целосен успех, иако очигледно е дека Доналд Трамп е многу посветен на тоа. Всушност и досегашната негова активност даде одредени резултати и поместувања на позициите на двете страни, и затоа може да се каже дека имаше делумен успех. Русија прв пат веројатно под силениот еконосмки и друг притисок на САД под водството на Трамп прифати да ја запре војната и да се замрзне конфликтот онаму каде е сега линијата на фронтот, со една дополнителна територјална отстапка во регионот на Доњецк, кој околу една четвртина не е освоен. Доњецк има територија која е минимално поголема од Македонија, но екстремно многу богата со резерви на руда и ретки метали. Претходно тоа беше незамисливо да биде прифатено сепак Русија да се откаже од одредени не освоени делови од регионите на Запорожје и Херсон зад реката Дњепар кои досега не се освоени, а Русија со измена на уставот веќе ги вброи како дел од нејзината територија. Украина од друга страна прифати да запре конфликтот само онаму каде сега е фронтот, без давање дополнителни теритоејални остапки во Доњецк или враќање на загубените територии, нешто што претходно го немаше прифатено.
Војните кои повремено или постојано беснеат низ Африка оддамна никој не ги ни брои, ниту пак се известува многу за нив, или тоа се прави многу ретко, иако таму секојдневно гинат огромен број луѓе.
Но, сега веќе не зборуваме за Африка.
Воена атмосфера има во Европа, каде ние живееме, и оттука нормално е главниот фокус на овој текст да е на Европа. А ако подрастично не се промени правецот, огромни ризици за војни има многу пошироко од Европа. Сето ова создава огромни ризици од разорни војни во блиска иднина.
Мнозинството луѓе, сеуште се надеваат дека разумот ќе преовладее, дека ова е реторика за одвраќање на потенцијален напад или само заплашување, а дека сепак на крајот мудрите политички водачи избрани од граѓаните да донесат просперитет нема да дозволат такво нешто. Или дека самите граѓани ќе ги спречат.
Сепак, не може а да не се каже дека шансата за војна во Европа секојдневно расте. Мнозинството од луѓето рационално размислуваат и кога мислат на ризик од војна, нивниот пристап е со рационален ум. Но, војните се случуваат кога одредени политички водачи размислуваат ирационално, односно кога егото го завзема просторот на рационалното. А се чини дека таквата состојба е веќе делумно на сцена.
Понекогаш војните се случуваат и кога двете страни не ги планираат и посакуваат војните, кога сите посакуваат по нешто, но без војна, но ирационално и задоволувајќи го своето его, преку своите постапки, одлуки и реторика, ги доведуваат двете страни до состојба кога војната е неизбежна, кога се чека само повод за почеток, а во такви ситуации поводот брзо доаѓа, како што дојде на почетокот на Големата војна, подоцна позната како прва светска војна.
И токму тука егото и рационалното размислување на политичките водачи е пресудно.
Ако се гледаат фактите, изјавите на главните лидери на држави кои се многу директни, брутални и недипломатски во однос на можност за војна и уништување на противникот, и чекорите кои се превземаат, можеби за прв пат после втората светска војна, постои многу сериозен ризик дека правецот кој е завземен нема да се промени. И дека веројатно не станува збор само за одвраќање, заплашување, оправдување пред граѓаните зошто се инвестира толку многу во воената индустрија и оружјето, обиди економијата да се крене со инвестиции во воената индустрија и разни други теории кои се излагаат од кампусот на убедените дека војна Европа-Русија нема да има, при што не мислам само на оваа индиректна или како што некои ја нарекуваат прокси војна во Украина помеѓу Русија и Западот, туку на нешто директно, кое вклучува и масовно испраќање војска од страна на дел или поголем дел од земјите членки на ЕУ.
Дека ЕУ, и пред се главните држави во ЕУ се подготвуваат за скорешна војна со Русија не е тајна погледнато и низ призмата на документот објавен од Европската комисија уште на 19 март оваа година, кој е под мотото „ReArm“, или повторно вооружување, нешто што се нарекува Бела книга за европски одбранбени капацитети до 2030 година. Секако, наративот е во одбранбени а не во агресорски цели. Европа отворено говори за можна војна со Русија, толку често, толку детално и на така високо политичко, воено и разузнавачко ниво, што неминовно тоа носи кон заклучок кој може да се симплифицира и да се сведе на насловот на овој текст, и секако во редот на анализа на ризиците поврзани со тоа.
Во документот е повторена целосната поддршка за Украина да продолжи со вооружената одбрана, се афирмира нејзината интеграција во западниот безбедносен систем, се отфрлаат едно од главните очекувања и барања на руската страна за неутралност на Украина и се подвлечкува потребата за нејзина целосна интеграција во безбедносната рамка на ЕУ, сајбер силите, вселенското војување, процесот на набавка на суровини, заедничко инвестирање во одбранбената индустрија и слично. Од документот произлегува дека Украина сега е главна лабораторија за европската воена и одбранбена индустрија, како во однос на тестирање на оружје во реална војна, така и во однос на собирање искуство и логистички информации за непријателот и начините на кои сега се води војна, мобилизирање и поттикнување на борци итн.
Документот јасно покажува и дека ставањето финасиски и политички фокус на инвестициите во одбраната е и шанса за поттикнување на иновациите. Јасно се наведени областите како што се заедничка набавка на суровини, контрола на синџирите на снабдување, јавни набавки во одбранбените прашања и сл. Документот бара законодавците на ниво на ЕУ да усвојат пакет нови закони, политики и регулативи и ги повикува земјите-членки на буџетска флексибилност во оваа смисла. Се отценува дека е потребно долгорочно планирање во набавките и заедничкото производство, и се промовира еден дух на воено-плански економии.
ЕУ, исто така, препознава нови технолошки области на војување, т.е. технолошки откритија кои имаат и цивилна и воена димензија, како што се вештачката интелигенција, квантните компјутери, беспилотните летала, дигитализацијата и други сегменти каде што познато е дека тие доцнат во споредба со САД и Кина, па дури и со Русија во одредени сегменти.
Јасно е дека ЕУ сака да ги стигне големите играчи во оваа област, особено Русија, но и севкупно во глобалната технолошка трка. Се нагласува можноста за вклучување во роботиката. Се воведува нешто што се нарекува Источен граничен штит кон Русија и Белорусија, кој треба да вклучува физички бариери и развој на инфраструктурата во современ систем за надзор.
И пак ќе ги подвлечам изјавите на политичките, безбедносните, воените, разузнавачките и дипломатски лидери на двете страни – Европа и Русија, кои се прилично брутални и експлицитни за можноста и високата веројатност од скорешна војна и во делот на тоа каква загуба би имала другата страна.
ПОЗИТИВНО СЦЕНАРИО
Позитивното и веројатно најпосакувано сценарио во една ваква негативна атмосфера е дека воената атмосфера и психоза се создава во европските главни градови за да се оправдаат огромните трошења на пари на европските граѓани на оружје и муниција наменети за одбраната на Украина и сопствена одбрана при евентуален напад. И дека со тие инвестиции се врши обид за кревање на европската економија и иновации. Економијата, особено кај европската економска локомотива – Германија, е во структурна криза, дополнително загрозена од зависноста од земји од други континенти кои се клучни добавувачи на значајни компонентна особено во машинскта и автомобилската индустрија, ударната тупаница на Германија.
Во таков случај проблемите би останале на политичко-дипломатски и воени тензии (но, само тензии), а не директна војна, и нема да се преточат во отворен воен конфликт се додека на еден или друг начин не запре војната во Украина.
ВТОРО ПОСАКУВАНО ПОЗИТИВНО СЦЕНАРИО
Второто исто така посакувано сценарио е дека лидерите на главните европски држави оваа атмосфера ја градат како испраќање порака и притисок кон Русија со цел истата да се приклешти побрзо да запре војната во Украина, давајќи до знаење дека сега тоа би било поевтино и поповолно за Русија одколку кога ЕУ би влегла во војна со полн капацитет, вклучувајќи го и човечкиот, кој е далеку помногуброен, и засилен со финасиската моќ, би бил голем проблем за Русија.
Би било логично да се и двете овие позитивни сценарија истовремено цели на креирањето воена атмосфера и психоза во Европа, а не само едната.
ТРЕТО ПОСАКУВАНО ПОЗИТИВНО СЦЕНАРИО
Третото посакувано позитивни сценарио е напорите на Трамп за постигнување мир во Украина да успеат, а тој во тие преговори користи многу инструменти, од економски и финасиски преку царини и тешки санкции, до продажба на моќно оружје и давање јасно дознаење дека заради баланс на борбеното поле и притисок за постигнување договор за мир ќе продадат и дел од најмоќните оружја на САД како ракети со долг дострел на противниците на Русија, чекор за кој досега се воздржуваат.
Сите други можни опции се многу подраматични.
РИЗИЦИТЕ НА ЕВРОПА
Да почнеме од најблиското и најважно за нас кои живееме во Европа. Какви се нашите ризици?
ВОЈНА ВО ЕВРОПА
Мислам дека веројатноста и ризикот за војна во Европа се чини е ист или можеби веќе поголем од веројатноста таа да не се случи во блиска иднина.
Ова не значи некакво предвидување за војна, туку само проценка на ризикот за војна, базирана најпрвин на се што се случува особено во последните четири години, а посебно во последните месеци, но исто така и на историските искуства од минатото при анализите на предвечерјето на големите војни во светот, и споредба на денешната ситуација.
Во актуелната војна Украина е силно потпомогната со пари, оружје, разузнавачки информации и експертиза од речиси сите земји членки на ЕУ и НАТО. Но и пошироко од сојузниците на САД, Велика Британија и ЕУ во Азија, како што се Јапонија, Австралија, Јужна Кореја и други земји. Русија е потпомогната од Северна Кореја со војници на нивната територија и од Белорусија со во еден период теренска логистика која произлегува од сојузот кој го имаат за взаемна одбрана. Западот нескриено за индиректно подржувачи на Русија ги смета и оние земји кои тргуваат со Русија, пред се апострофирајки ги Кина и Индија, а Индија е веќе предмет на економски санкции заради тоа.
Оваа војна влезе во нова фаза одкако, не било кој, туку првенците во политиката и воениот дел на најмоќните држави во ЕУ, објавија дека Русија се подготвува да ја нападне Европа за околу две години од сега, што значи некаде во 2027 година.
СИЛНО И ЗАБРЗАНО ВООРУЖУВАЊЕ
ЕУ најави околу 800 милијарди евра, со позајмување на ист начин како што претходно беше вклучена компонентата за заем RRF (Механизам за закрепнување и отпорност). Ова е затоа што, иако Европската комисија издава обврзници централно, со гаранција од буџетот на ЕУ, заемот го зема секоја земја-членка поединечно и тие се одговорни за неговата отплата. Според сметководствените правила ESA2010 на Евростат, секој извор на ЕУ што создава обврска за отплата за земја-членка го зголемува бруто јавниот долг на таа земја. Ова значи дека износите повлечени од инструментот за заеднички одбранбен заем SAFE ќе се појават во индикаторите за национален долг на ист начин како и претходните заеми RRF, дури и ако условите за финансирање се поповолни од оние достапни на пазарот. Заемот не може да се смета за заеднички европски долг, бидејќи ЕУ не е колективно одговорна за неговата отплата, туку само делува како посредник и гарантор кон финансиските пазари. Така ЕУ цели да ја зајакне одбранбената индустрија на Европа. Рамката, до 150 милијарди евра, ЕУ ја базира на исполнувањето на прагот од 5 проценти од трошоците на НАТО до 2035 година и неизвесните безбедносни гаранции на САД.
Програмата моментално е во процес на проценка на националните планови, а првите исплати би можеле да започнат на почетокот на 2026 година. Европската комисија сè уште ги проценува потребите на земјите и одлучува кои проекти можат да се финансираат. По усвојувањето на плановите, Европскиот совет, кој ги собира владите на земјите-членки, ги одобрува поединечните кредитни линии, по што може да започне подготовката на договорите и исплатата на средствата. Полска побара 47,3 милијарди евра. Франција 22 милијарди евра, Германија 18 милијарди евра, Италија 14 милијарди евра, Шпанија околу 9 милијарди евра. Романија и Грција, исто така, поднесоа значителни барања од 6-7 милијарди евра, додека помалите земји-членки – како што се балтичките земји, Португалија или Словачка – бараа износи помеѓу 1-3 милијарди евра. досега 18 земји членки побарале 127 милијарди евра.
Да се биде добро вооружен и да се зајакнат инвестициите во домашната воена индустрија, ако се има пари за тоа и/или простор за задолжување, воопшто не е лошо ако идејата е само да се одврати потенцијална агресија, па дури и ако тоа е ставено во некој контекст на економски раст, иако тоа нема долгорочно да ја реши економската заостанатост на ЕУ зад Америка и Кина.
Верувам дека дел од земјите на ЕУ со такви намери пристапуваат кон овој механизам.
АТМОСФЕРА И ПСИХОЗА НА ВОЈНА
Сепак, застрашува фактот што низ клучните и најмоќни земји на ЕУ се креира силна и како што многу оддамна не било медиумска, дипломатска и разузнавачка атмосфера за војна, преку речиси секојдневни изјави на врвни политичари, дипломати, високо поставени лица во разузнавачките служби и лица од воениот врв на овие земји, но и превземање на конкретни чекори од типот враќање на регуларниот воен рок, таму каде го нема, чистење или правење на скривници, разни воени вежби, скандинавските држави вежбаат снаоѓање во услови на нуклеарен напад и слични чекори кои наговестуваат дека можеби “ѓаволот ја однел шегата”. Дроновите во близина на главните и други градови низ Европа ја дополнуваат таа атмосфера на воена атмосфера и психоза, независно која е заднибта зад овие настани.
ОДСУСТВО НА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА РАЗЛИЧНО МИСЛЕЊЕ
Немањето толеранција за различни мислења и ставови во врска со создавањето на ваква атмосфера или околу статешката поставеност и исходот на војната во Украина, лесното лепење етикети на политичарите и други поединци за секој кој се спротиставува на сегашните политики на мнозинството политички лидери во ЕУ, исто така не говори и не навестува нешто добро, и оди на страната на аргументите за ризикот дека можеби навистина се планира и може да се случи нова војна или војни.
Погледнете само со какви етикети, финасиски казни, оправдани под други форми и разни закани за губење на правото на глас во ЕУ се соочува Унгарија, чие лидерство отворено внатре во рамките на ЕУ отворено бара промени на политиките на самата ЕУ. Освен за 3-4 други теми (нелегални мигранти, третман или права во делот на сексуалните различности итн), за кои подолг период Унгарија и Брисел имаат сериозни разидувања, сега на прво место исплива токму прашањето околу начинот на враќање на мирот и позицијата на Унгарија за мирно решавање на проблемите со преговори и компромиси.
КОНФУЗНИ ПОЗИЦИИ ВО ЕУ: НАЈАВИ ЗА СКОРЕШНА АГРЕСИЈА НА ЕУ ОД СТРАНА НА РУСИЈА И ИСТОВРЕМЕНО НАЈАВА НА УШТЕ ПОСКОРЕШНА ЕКСПЛОЗИЈА НА ЕКОНОМСКИ КОЛАПС НА РУСИЈА.
СООДНОС НА СИЛИТЕ КОГА РУСИЈА БИ ЈА НАПАДНАЛА ЕУ.
Од друга страна, дополнителна збунетост и конфузност носи фактот што секојдневно од водачите на западноевропските земји добиваме информации преку медиумите дека руската економија е во сериозна криза и се движи кон скорешен еконосмки колапс, што за држава во војна не е чудно, но, барем навидум е некомпатибилно со спремањето за одбрана од скорешен напад од страна на земја која месеци ја делат од еконосмки колапс. Логично се поставува прашањето како таа би ја нападнала Европа ако економски колабира? За победа во војна треба пари и стабилна економија.
Во една конвенционална војна каде Русија би била агресор, истата, особено после вооружувањето кое веќе започнува да го реализира ЕУ, би била само со теоретски шанси за успех. Русија веројатно долго се подготвувала во смисла на само-одржливост при санкции и воена подготвеност за ситуација како сегашната војна со Украина поддржана од Западот, но директна војна со НАТО или само војна со ЕУ поддржана од сојузниците, каде Русија би била агресор, се сосема друго сценарио, и во едни вакви околности, се чини малку веројатно.
Со колабирана економија, или економија пред колапс, со економски далеку и неспоредливо посилна ЕУ, во меѓувреме и добро вооружена ЕУ, со ЕУ со население кое е околу 4 пати побројно од она на Русија, со НАТО, САД, Велика Британија и другите претходно споменати партнери од Азија зад ЕУ, Русија како агресор, не би имала што да добие, освен да загуби, и тешко е да се поверува дека нејзиното лидерство не е свесно за тоа.
Дури во калкулација тоа да ја стави и можноста за користење нуклеарно оружје, повторно Русија како потенцијален агресор не би имала значајна стратешка предност, бидејќи Франција и Велика Британија исто така имаа нуклеарно оружје. САД исто така.
Кога станува збор за нуклеарното оружје мислам не е важно дали една земја има за еднаш, три пати или седум пати да ја уништи другата земја, бидејќи не можеш да уништиш втор пат нешто што веќе е уништено.
Покрај ова, веќе беше објавено од страна на францускиот претседател дека размислува да ги вооружи некои од засегнатите европски држави со нуклеарни ракети. Ако во 2026 година или почетокот на 2027 година Германија, Полска и други, добијат барем нуклеарно оружје од тактички карактер, тогаш тешко е да се каже дека било кој има некаква значајна голема предност ако прв одлучи да нападне, без сериозен повод.
Но, дури и да нема сериозен нуклеарен конфликт, при евентуална војна меѓу Европа и Русија, не смее да се исклучи користење на т.н. тактичко нуклеарно оружје од помали размери, во смисла нуклеарни бомби кои би зафатиле помали територии, ограничен простор.
Тешко може да се предвиди во една таква можна војна, кога во секој миг летаат ракети, дронови и бомби на двете страни, која страна прва би го употребила тоа. Колку што е можно тоа да го направи Русија, толку е можно и некоја од засгнатите земји во Европа која би добила нуклеарни боеви глави на распилагање, како Полска на пример, се разбира ако се почуствува премногу засегната и ако одлучи на тој начин да испрати јасна воена порака кон Русија.
Употребата на таква тактичка нуклеарна бомба, може да предизвика враќање со иста таква, но исто така е можно во даден момент тоа да значи и крај на војната, како што значеше во Јапонија во 1945 година.
Се поставува прашањето зошто толку многу се зборува за агресија на Русија над ЕУ? Русија, од друга страна, негирајќи го тоа, возвраќа дека токму ЕУ го планира тоа отворено а не само прокси започнување војна со Русија а подготовките за војна ги оправдува преку лажни информации за наводен план за агресија на Русија над Европа.
Не ја исклучувам и можноста дека водачите на најголемите држави на ЕУ Франција и Германија, придружени од Велика Британија која по ова прашање е во синхронизирани односи со ЕУ, имаат информации кои ние сеуште ги немаме и затоа не разбираме некои работи, изјави или постапки. Иако во ова време на информации, не се преголеми шансите такви информации да останат предолго време тајна.
СЦЕНАРИО ЗА ПОДГОТОВКА НА СТРАТЕШКИ ПОРАЗ НА РУСИЈА ОД СТРАНА НА ЕУ
Ако проценката е дека Русија нема ни сила, ни интерес да ја нападне и освои ЕУ, тогаш испливува уште една можна опција за анализа на ризиците за војна во Европа.
АКО ГУБЕЊЕТО ТЕРИТОРИЈА НА УКРАИНА СЕ СМЕТА ЗА ПОРАЗ НА УКРАИНА, И АКО ПОРАЗОТ НА УКРАИНА СЕ СМЕТА ПОРАЗ НА ЕВРОПА
Тоа сценарио е дека ЕУ или моќни држави кои се дел од неа, заедно со Велика Британија, погодени од развојот на настаните во Украина, каде Русија иако можеби бавно сепак напредува, се подготвуваат да и нанесат т.н. стратешки пораз на Русија, и да одбегнат да излезат од оваа војна како поразени, бидејќи веќе самите тие, односно нивните лидери нескриено евентуалниот пораз на Украина го сметаат за свој пораз, пораз на нивната земја, пораз на ЕУ и Европа, од страна на Русија.
Доколку таквите позиции опстанат, тогаш еден мора да биде поразен, или Русија или Европа (со Украина).
Во таква ситуација сценариото за војна ЕУ-Русија станува многу извесно.
Дури и ако земјите од Европа сега се повлечат од овие изјави, тоа е пак пораз, иако помал одколку воен, кога еднаш веќе се дадени и повеќе пати, подолг период повторувани такви ставови. Истото важи обратно, за Русија, во однос на изјавите за освоените територии во Украина.
СОСТОЈБАТА НА ТЕРЕНОТ. ДВЕ ПРЕДНОСТИ НА РУСИЈА. НИВНОТО ОСТРАНУВАЊЕ ВОДИ КОН ДИРЕТНА ВОЈНА ЕВРОПА – РУСИЈА
Каква е моменталната ситуација на силите на теренот?
Моментално Русија има позначајна предност над Украина во две нешта, човечкиот фактор и во ракетните системи.
Тие две предности главно и го овозможуваат напредокот на теренот, особено човечкиот фактор, пред се бројот на војници, бидејќи Украина се соочува со недостаток на војници.
Во делот на општо вооружување, разузнавачки информациии, сателитски информации и можности за финасирање на војната, состојбата изгледа многу поизбалансирана, секако со подршката што Украина ја добива од надвор.
Иако линијата на фронтот формациски на хартија е целосно покриена со војска, сепак на теренот ситуацијата е различна и извештаите кажуваат дека на многу места има по 2-3 километри незаштитена од војска борбена линија, каде Русија со помош на сателитска прегледност го прави главниот продор и предност на теренот со своја војска.
Во однос на ракетите со долг дострел, Западот сеуште се воздржува од нивно ставање на располагање на Украина, но се чини, ако опстане максимата дека поразот на Украина е пораз на Европа, ситуацијата ќе мора да се менува и со човечкиот фактор и со ракетите со долг дострел, кои можат да пристигнат и во Москва и Санкт Петерсбург, за што Русија објави дека ќе го смета за директен напад на земјата производител и ќе возврати таргетирајки ги фабриките каде истите се произведуваат.
Со оглед дека Украина се чини ги исцрпува сопствените можности со регрутирање на војници и со присилна мобилизација, таа слаба точка ако Европа остане на сегашните позиции, може да се надокнади единствено со испраќање војска од земјите членки на ЕУ, што Русија ќе го смета за директна војна на земјите кои испратиле многубројна војска на теренот во Украина, против Русија.
Тоа испраќање војска за почеток веројатно ќе биде со платени војници од државата испраќач, кои доброволно ќе прифатат да заминат во Украина, со цел да нема мобилизација на регрути или присилна мобилизација. Тие земји на ЕУ ќе мора да платат добро износи за тоа, но секако јасно е дека без посериозен проблем ќе обезбедат 1 до 2, а можеби и повеќе милиони платени војници.
За да се избегне наративот дека директно учествуваат во војната, можно е самата Украина да ги ангажира и плаќа тие војници од европски држави, се разбира со пари од ЕУ или одредени нејзини членки, но кога ќе е така масовен тој број (помал број странски војници на двете страни има и сега), Русија веројатно и според најавите ќе го смета тоа за напад и директна војна од одредени земји членки на ЕУ и ќе подготви и примени возвратни мерки и чекори.
Како и да е, во таква ситуација, Русија ќе мора формално да прогласи состојба на војна во државата за да може и самата да регрутира сопствени војници и доколку треба да изврши и присилна мобилизација.
Употребата на ракети со долг дострел произведени, остапени и сателитски навигирани од западните држави, и испраќањето поголем број војска на теренот од страна на европски земји, според сегашното поимање на работите од страна на Русија, веќе ќе се смета за директна војна Европа-Русија, во Украина, доколку таа војна остане само на таа територија и не се прошири. А секако дека ќе се прошири најмалку во делот на станување цел на напад на фабриките на тие ракети со долг дострел во земјите во Европа од страна на Русија, исто како и руските од страна на европските земји. Во таква ситуација, по некое време, тешко е да се замисли дека само тие фабрики ќе останат како цели на напад, а другите фабрики за оружје спокојно ќе произведуваат оружје за фронтот, и потоа војната нема крај во однос на нејзиното ширење, длабочина и жестокост.
Такви фабрики за оружје и муниција има многу и во земјите на источна Европа.
Историските искуства покажуваат дека често војните може да започнат на начин кога двете спротиставени страни ја обвинуваат спротивната дека таа ја започнала војната, односно и таа која реално нападнала прва, ја обвинува другата дека токму другата-нападнатата, прва нападнала или започнала операција за напад.
Исто како што пред да почне војната двете страни се подготвуваат за војна тврдејќи дека се спрема напад од спротивната страна, па тие мораат да се подготват за одбрана во секој поглед.
Историјата покажува дека тоа и не е толку тешко да се исценира, иако подоцна ќе се знае точно што се случило, како што се знае за заговорот на Хитлер при отворањето војна и окупацијата на Полска во втората светска војна кога режирал наводен граничен инцидент, наводно предизвикан од Полска страна како причина за почеток и објава на војна.
РИЗИК ЗА РУСИЈА – СТРАТЕШКИ ПОРАЗ ОД ЕДЕН ДО ТРИ МОЖНИ СТЕПЕНИ: ГУБЕЊЕ НА ТЕРИТОРИТЕ ВО УКРАИНА, СМЕНА НА ВЛАСТ, ПОДЕЛБА. НА ДРЖАВАТА
Во една таква ситуација на војна, Европа би се обидела преку нанесување стратешки пораз на Русија да ги врати териториите во Украина. Тоа би бил стратешки пораз од прв степен.
Доколку тоа создаде услови да дојде до смена на власта во Русија одвнатре, бидејќи во тој случај водството на Русија би се сметало за поразено и ослабнато, со сите последици од тоа, тоа би било стратешки пораз од втор степен.
Трет степен стратешки пораз би била евентуална поделба на Русија на повеќе држави, и реализацијата на едно такво сценарио би бил вистински триумф на Западот над Русија.
Тоа се отприлика целите на оние земји ид Европа кои се подготвени за активност за воено да ја победат Русија. Во сите варијанти се разбира следуваат и воени репарации.
За стратешки пораз од втор и особено од трет степен потребно е да дојде и до внатрешна имплозија во Русија. Тоа не може да се исклучи, затоа што во Русија постои околу 10% до 15% од населението кое е многу против политиките на актуелната власт и тоа западот сигурно го знае и веројатно на некаков начин има некакви комуникации со подоминатни личности и групи од тој дел на граѓани на земјата. Претворено во број на жители, тоа не се мал број на луѓе. Со таков ризик Русија може да се соочи уште следната година, но, веројатноста дека власта нема да може да се справи со нив не е висока. Сепак, ако Русија ги загуби освоените територии, ризиците по ова прашање ќе растат. Иако шансите за успех на толку голема имплозија која ќе ја сруши власта и особено која ќе создаде ситуација на поделба на Русија на неколку држави, не се преголеми, сепак постојат.
РИЗИЦИТЕ НА ЕВРОПА ПРИ ВОЈНА СО РУСИЈА.
ПОДЕЛБА НА ЕУ.
Ние сме дел од Европа, и за нас е поважно кои се ризиците за Европа, па оттука и повеќе и подлабоко ќе се задржам на Европа.
Првиот ризик, особено ако дел од земјите во ЕУ почуствуваат ситуација дека Русија не е агресор, туку свесно се оди на воена пресметка заради стратешки пораз на Русија преку исценирана, односно непостоечка закана на Русија кон Европа/ЕУ или земја членка на ЕУ и НАТО, е ризикот од стратешко разидување на интересите на земјите членки и можна поделба на самата ЕУ, особено ако во војната директно не е вовлечен НАТО, односно САД.
Во едно такво сценарио, сите земји во Европа би биле под закана од уништувачките бомби, дронови, ракети и подморници од Русија, но земјите во источниот дел на Европа, покрај поголемата близина до фронтот, а со тоа и поголема изложеност како цел на современата воена опрема на Русија, би имале најмалку една закана повеќе одколку западните земји, а тоа е закана од потенцијално губење на територии.
Ова значи дека во земјите во источна Европа кои во едно такво сценарио се во првата линија на удар, на линијата на огнот, ќе се создаде поголем внатрешен политички набој и тензии и веројатно е дека тие би имале судир на интересите со нивните партнери од западна Европа кој во едно такво сценарио може да резултира да тие бидат принудени или од страна на западните земји или од страна на сопствените граѓани, или можеби двете заедно, да ја напуштат ЕУ. Таквата ситуација во голем дел би дошла и од внатрешниот притисок на граѓаните на тие земји врз нивните политички раководства.
Такви тензии секако ќе има и во западниот дел на Европа, но источниот би бил најчуствителната невралгична точка, вклучително и земји кои се отворени противници на Русија.
Тоа разидување на интересите може да заврши со разделба, на источниот дел од ЕУ, со западниот.
МОЖНИ НОВИ ПОЛИТИЧКИ БЛОКОВИ И КОНФЕДЕРАЦИИ ВО ЕВРОПА
Во таква ситуација логично е да се создадат нови блокови со некаква лабава конфедерација, односно да дојде време на нови конфедерации во Европа.
Еден блок логично би бил да е составен од земјите членки на Вишеградската група – ВГ (Унгарија, Чешка, Полска и Словачка) и трите балтички држави на север (Естонија, Латвија и Летонија). Евентуално и Словенија.
Вториот потенцијално нов блок би можел да ги опфати Србија, Романија, Молдавиа, Бугарија, Грција, Макеоднија, БиХ и можеби други балкански држави, што веројатно би создало една лабава балканска конфедерација, која можеби би имала заедничка валута, надворешна политика и можеби и војска, и некој “сојузен” буџет за заедничките работи и цели, или помалку од тоа.
Ако честото спомнување на војна со Русија во 2027 година се покаже како реален план, постои ризик дека тоа може да значи дека таа година ќе започне распад на ЕУ, и после неколку месеци создавање на нови конфедерации и дека следните пет години може да се во таков дух, дух на распад на ЕУ и создавање нови сојузи, бидејќи ако не се дел од ЕУ, интерес на земјите ќе биде да влезат во некакви сојузи заради сопствена заштита во едно такво турбулентно време.
Сепак тоа не би дошло веднаш и без сериозен притисок од голем број жртви. Поверојатно е дека најпрвин, можеби уште следната година, или почетокот на 2027 година дел од овие земји ќе испратат војска во Украина. Доколку Русија успее на направи продор кон Одеса, тоа е момент кога ЕУ веројатно ќе реагира со испраќање на голем број војници од европските земји кои заради една или друга причина ќе го прифатат тоа, како Полска, Романија, Бугарија и други.
Полска која е особено мотивирана за пораз на Русија, доколку претходно добие од Франција тактичко нуклеарно оружје кое опфаќа радиус од 1-2 километри, веројатно нема да се воздржи од превентивен удар доколку поголема Руска војска прави некакви вежби и слично во голема близина на белоруско-полската граница. Но, тоа би довело потоа до такви тензии во Полска што можеби би значело и предвремен пад на полската влада, и веројатно под притисок на јавноста влез на Полска во новата конфедерација, што би значело излез од ЕУ.
Дали Русија со иста или посилна мерка би возвратила на Полска тешко е да се процени, и поверојатно е дека нема, но сигурно ќе ја искористи таа тензија за преговори и остапки кои би воделе кон мир со повеќе предности на своја страна како возвратна добивка од такво воздржување. Но, поверојатен е ризикот дека Русија не би се воздржал а во една таква војна со Европа да ги искористи своите подморнички нуклеарни потенцијали кои можат да предизвикаат разорни цунами, на пример против островското Обединетото Кралство.
Поделбата на ЕУ, како што сега стојат работите, гласно или тивко би била добро примена во другите три големи сили во светот, САД, Кина и Русија. На ЕУ со сегашните позиции, ќе и треба многу умешност и среќа за да успее да не се подели во случај да испрати војски во Русија. Тоа не значи дека ЕУ ќе ја загуби војната, таа сигурно ќе успее да го намали или ограничи пленот на Русија во Украина, и така гледано тешко ќе може да се зборува за победник, но ќе се соочи со многу турбулентен период.
РИЗИЦИТЕ ВО САД
Ако во Европа постои ризик од војна со Русија, во САД под водството на претседателот Доналд Трамп се чини дека таков ризик речиси да не постои. Во моментот се чини дека во случај на војна меѓу ЕУ плус Обединетото Кралство со Русија, Трамп не би ги вовлекол и САД во директна конфронтација со Русија со испраќање војска, нешто што речиси сигурно ќе предизвика трета светска војна и сериозна нуклеарна пресметка, но до ниво да не се вовлечат САД директно во војната, би помагал на Европа на друг начин, вклучувајќи продажба на најсовремено оружје и логистичко-разузнавачка подршка.
Истовремено САД би работеле, односно би правеле обиди за постигнување мир.
САД е извесно дека ќе направат силна воена интервенција против нарко картелите во Венецуела, и секако тоа ќе биде силен дефокус, а постои очигледен потенцијал за ваков вид тензии и со Колумбија и Мексико, земји каде исто така се наоѓаат едни од најмоќните нарко-картели.
Но, кога станува збор за САД, постои и друга опција и ситуација како потенцијален ризик која произлегува од друг проблем. Во САД се чини постои сериозен ризик од граѓанска војна во текот на мандат на Трамп. Можеби тоа нема да е класична граѓанска војна, туку многу сериозни политички тензии кои ќе изобилуваат со насилство и оружени конфронтации внатре во земјата, со многу жртви и убиства, и во тој дел дури можеби на ниво на жртвите во југословенската војна, што во најлошо сценарио постои ризик да доведе и до поделба на САД.
Во САД во моментот постои исклучително многу силно поделено општество како никогаш до сега и внатрешните тензии забрзано растат.
Чекорите на Трамп за прогласување на АНТИФА за терористичка организација, започнувањето на истрага против Џорџ Сорос и неговите блиски и институции, бруталниот атентат над Charlie Kirk, двојниот неуспешен обид за убиство на самиот Трамп за време на претседателската кампања минатата година, неодамнешеното активирање на војската, односно националната гарда на САД во неколку од најголемите градови и држави внатре во САД, се сериозни сигнали дека веројатно и самиот Трамп е свесен за ризиците од ваков тип и превзема сериозни превентивни мерки. Иако некои негови противници изнесувањето на војска на улиците заради пресметка со криминалот, го сметаат за “PR” чекор, можно е тој да има повеќе информации кои му предочуваат многу поголеми потенцијални ризици, од криминалот, кој секако е дел од задачите за сузбивање на војската.
РИЗИЦИ ОД ДРУГИ РЕГИОНАЛНИ ВОЈНИ ВО СЛУЧАЈ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА РИЗИЦИТЕ НА ЕУ И САД.
РИЗИК ОД РАСПАД НА НАТО.
Ризиците од директна војна ЕУ-Русија и внатрешни проблеми во САД, може да креираат нов ризик, а тоа е распад на НАТО алијансата и веројатно формирање на други сојузи. Иако НАТО веројатно нема официјално да учествува доколку се реализира ризикот од војна Русија-ЕУ, тоа сепак се најголем дел од членките на НАТО, кои тоа директно не вклучување ќе го сметаат за потреба од нов воен сојуз во Европа, кој може да го завземе просторот на НАТО.
Следните ризици кои ќе ги наведам би можеле да станат реалност, само доколку се реализираат ризиците за војна меѓу ЕУ и Русија, со учество на војска од ЕУ, и ризиците кои ги наведов за САД. Во таков случај, “дежурнуте полицајци” ќе бидат силно дефокусирани со други многу крупни проблеми и ќе се остави теренот слободен за реализација на други активности.
Така што, доколку сепак се случи сценарио во кое ќе се реализира ризикот од граѓанска војна во САД или некакви многу сериозни и подолготрајни вооружени пресметки поттикнати од радикални елементи и базирани на идеолошка основа, тој дефокус на САД, со истовремена презафатеност на Европа во конфронтација со Русија, на светско ниво, веројатно нема да остане неискористен од некои други држави кои подолг период се воздржуваат од акција токму заради заканата од САД или ЕУ.
НР Кина во таква ситуација ќе може покомотна да ја реализира својата нескриена стратегија и намера за враќање на Тајван под власт на НР Кина, токму во време кога ризиците за нечие спротивставување би биле помали.
Во едно такво сценарио, веројатно ниту во Европа нема сѐ да се заврши само со конфликтот ЕУ – Русија.
Внатре во самата Европа постојат жаришта кои долго време тлеат, и во ситуација кога ЕУ (во кој и да е состав) и САД би биле целосно дефокусирани со такви големи предизвици какви што споменав, постои ризик дека некои од овие жаришта може да доживеат колуминација, или некои скриени амбиции да испливаат на површина.
Едно од тие жаришта секако е ризикот од зголемени тензии до ниво на конфронтација меѓу Турција и Грција, но со обзир дека помалата Грција е многу добро вооружена и има околу 400 илјади војска од кои околу 143 илјади активни војници, може да пружи сериозен отпор на многу воено посилната Турција која е многу сериозна регионална сила, можеби тие тензии нема да резултираат со војна. Ако пак резултираат, не треба да се заборави дека Турција како трета најголема армија во Европа има околу 900 илјади војници од кои околу 355 илјади активна војска и многу сериозно домашно производство на оружје. Тогаш Грција би имала причина да биде загрижена, особено за својот североисточен дел за кој Турција може да се повикува на одредени т.н. историски права.
И Бугарија има ризик да се соочи со сериозен предизвик по својот територијален суверенитет, за што истата која има само околу 37 илјади регуларни војници, не личи дека е подготвена да се справи со таков ризик и може да се соочи со губење на територии.
Сепак, во една подоцнежна фаза, и самата Турција има потенцијал за одредени внатрешни ризици од внатрешна имплозија, и опасност од поделба на неколку дела. Особено затоа што Израел има висок интерес од тоа, заради политиката на Турција кон Израел и отворената подршка на земјите противници на Израел, и не треба да се исклучи дека Израел веќе работи на создавање на таква ситуација, како што би било логично следејќи ја ситуацијата, заедно со САД на еден или друг начин, да го подржува курдското движење.
Не случајно и меѓу Израел и Грција се создаде одреден сојуз.
Следен ризик за нов конфликт би бил Србија и Косово и отцепување на Република Српска, која сега е дел од Босна и Херцеговина, но беше со многу тензични односи и со отворени претензии за сепарација и осамостојување, или евентуално приклучување кон Србија. Дали последните случувања со еден од нејзините лидери ќе го промени правецот, ќе се покаже наскоро.
Во ситуација на огромен дефокус на големите сили, можно е Србија да направи обид за враќање на дел од териториите на Косово, а ако има доволно сила и цело Косово.
Со обзир дека Косово дури и со логистичка помош на Албанија тешко ќе може подолго време да се справи со една таква вооружена и побројна армија на Србија во едно такво сценарио, не би се исклучило Косово да добие посериозна логистичка а пред се подршка во воена опрема од Хрватска која неодмана потпиша некаков вид на мек одбранбен договор со Косово и Албанија, кој веројатно ја поттикна Србија на потпишување сличен договор со Унгарија.
Конфликтите од деведесетите меѓу Србија и Хрватска и подоцна во 1999 година во Србија и Косово, не потсетува на се она што може да се случи. Ќе потсетам дека и тогаш, до пред почетокот на војните, повеќето од луѓето веруваа дека разумот ќе преовлада кај политичарите, дека ќе се договорат, ќе најдат решение и до војна нема да дојде.
За Србија во актуелната ситуација постои и друг ризик, а тоа е опасноста од некаков вид граѓанска војна или сериозни немири со потешки вооружени внатрешни дејства, пред или непосредно после следните парламентарни избори, кога и да се одржат. Ова се разбира може да се избегне, ако навреме се договорат политичарите во власта и опозицијата, вклучувајќи ги и сите три групи на студентите кои протестираат, оние кои се пронационално ориентирани а кои се можеби околу 70% од сите студенти кои протестираат, и кои имаат се помалку простор во опозициските медиуми, и оние другите кои може условно да се поделат во две групи, заради двата различни надворешни спонзори и кои добиваат најмногу простор во опозициските медиуми, независно што во моментот сите имаат иста цел.
Во делот на нестабилниот блиски исток, тешко може да се предвиде кој со кого би влегол во конфликт. Сирија, чие раководство има добри врски со Турција, повторно може да стане невралгична точка ако почне да креира некакви планови поврзани или спротиставени на интересите на Израел, кој доколку насети нешто такво, ќе дејствува превентивно. Израел веќе завзеде дел од сириската територија во регионот на голанската висорамнина и не се очекува дека ќе се повлече од таму во догледна иднина. Тензиите меѓу Израел и Турција, и сега постојат, со растечка напнатост.
СЛИЧНОСТИ МЕЃУ ЗАКОНИТЕ НА ГЕОПОЛИТИКАТА И НА УЛИЦАТА.
КОГА ГОЛЕМИТЕ СИЛИ НЕ МОЖАТ ДА СЕ УСОГЛАСАТ СО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО, ПОЛИТИЧКИ ДИЈАЛОГ И ДИПЛОМАТИЈА, СЕ УРЕДУВААТ СО ВОЈНА.
И тука ќе запрам со набројувањето на ризиците од војна или војни во Европа и пошироко низ светот, во време кога, како што кажав на почетокот, војните влегуваат во мода.
Реалните закони во геополитиката, не оние според документите на ООН или други организации и договори, туку реалните закони во геополитиката, и во спроведувањето на одлуките кои произлегуваат од меѓународното право пошироко, се речиси идентични, со законите на улицата, со тоа што вокабуларот и чекорите се пософистицирани од оние во конфронтациите на улицата.
Во последните години, и особено во последните месеци, таа софистицораност е значајно намалена насекаде, жестокоста во изјавите е како што одамна не била, заканите и подготвеноста за воени дејства се зголемени, а чекорите забрзано водат кон подготовки за војна.
Главниот закон на улицата, каде посилниот секогаш победува и секогаш е во право, е сѐ повидлив и подлабоко изразен на сцената “без ракавици”.
Веќе не е светска тема и не е во фокусот на вниманието кој е во право, од етичка, политичка или гледна точка на меѓународното право, Украина со блокот подржувачи или Русија со својот блок подржувачи, туку кој е посилен, кој какво оружје поседува, кој произведува повеќе муниција, кој има посилни и пософистицирани ракети, кој има повеќе нуклеарни боеви глави, кој колку војска би можел да мобилизира, кој би победил во оваа или евентуално поголема војна. Двете страни се чуствуваат дека се или наскоро ќе бидат посилни од другиот во евентуален конфликт, и тоа е исто како на улицата. Посилниот и повештиот ќе победи, а не кој е во право а кој не. Потоа се воведува нов поредок, кој не можел да се воведе пред војната, или на улицата би се рекло “тепачката”.
НИКОЈ НИКОГО НЕ ПОЧИТУВА. СИТЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ДОВОЛНО СИЛНИ ЗА ДА ГО ДОБИЈАТ ОНА КОЕ ГО САКААТ
ЕУ и Велика Британија неодамна ги отфрлија предлозите и иницијативите на САД по првата средба меѓу Трамп и Путин, околу враќањето на мирот во Украина, со леснотија како никогаш во минатото, со образложение дека не се прифатливи територјални остапки. Различно од минатото кога се чинеше дека САД има пресудно влијание во ЕУ за крупните пршања. Потоа Русија не прифати предлог за замрзнување на конфликтот на линијата каде во моментот се наоѓа фронтот без дополнителни територјални отстапки во регионот на Доњецк.
Русија и претходно не била склона за големи отстапки кон САД, а засега одбивајќи ги некои од предлозите за мир од страна на САД ги издржува и силните санкции од САД и ЕУ, од кои последните поврзани со санкции на две од компаниите за нафта и гас се чини дека се најкомплицирани за Русија.
ЕУ и Русија не покажуваат никаков меѓусебен респект и се исклучиви, независно кој е во право а кој не. И се чини, според она што го демонстрираат, подготвени се и со војна да стигнат до целта.
Сама по себе оваа ситуација е предвесник за војна.
Кога позициите на големите сили не можат да се наместат и усогласат со политички дијалог, со дипломатија и меѓусебен респект, тие се уредуваат со војна.
Трговската конфронтираност меѓу САД и ЕУ дополнително ги олади нивните сојузнички односи. Тие нема да војуваат со оружје меѓусебно, но трговски веќе војуваа и постигнаа одреден договор кој во Европа е прифатен како пораз.
И реториката меѓу САД и ЕУ е сменета, дипломатичноста е смалена, иако повремено променлива, довербата е значајно нарушена, иако сојузништвото официјално сеуште постои. САД изрази недвосмислено незадоволство во установените трговски односи и царински тарифи и предизвика промени.
Иако односите на САД и Русија се затоплени, со променливи амплитуди кои се разбира имаат своја заднина и причина, меѓу нив сепак има значајно приближување и желба за соработка. Кина а не Русија сега е главниот предизвик на САД, што е разбирливо од аспект на економска превласт во светот, која влијае на воената и политичката.
ДЕГЛОБАЛИЗАЦИЈА, МУЛТИПОЛАРЕН СВЕТСКИ ПОРЕДОК, СВЕРИ НА ВЛИјАНИЕ. ТРГОВСКИ ВОЈНИ.
Деглобализацијата е тренд кој силно започна оваа година и не запира. Блоковската поделеност пак е на сцена, заедно со мултиполарниот светски поредок и свери на влијание.
Сето тоа постоеше и во годините пред доаѓањето на актуелниот претседателот на САД, одкако Кина во последните децении еконосмки силно зајакна, а веќе и воено зајакнува, а Русија константно е воена и политичка сила со свои интереси и свери на влијание.
Администрацијата на Трамп, само гласно ја констатира реалноста на дефакто мултиполарен свет, и се обидува да се справи на начин и со нови мерки кои ги спроведува, со цел САД да го задржат и зацврстат своето економско и политичко влијание колку што е можно повеќе.
Како и да е, не е тајна дека ЕУ се подготвува за можна воена конфронтација со Русија како никогаш претходно и бара начини како да се справи со сериозните еконосмски предизвици и зависност кои настанаа со силното еконосмко зајакнување и засилена економска доминација и моќ на Кина. ЕУ оддамна заостанува зад САД и Кина, но сега во последната деценија тоа е многу продлабочено и се чуствува на теренот низ Европа преку затворања на многу фабрики и компании кои ја загубија конкурентнага предност во трката на енергетиката, технологиите, електрониката, автомобилската и машинска индустрија, воената и сателитската индустрија, општата ценовна конкурентност и иновациите. Сегашниот пркос, можеби е и крик за да се врати во трката, но дали изборот на чекорите е нај правилен е друго прашање.
МАКЕДОНИЈА…
Ќе кажам само дека Македонија треба да е подготвена за секакви сценарија.
Од најмировни сценарија и времиња на голем просперитет, развој и реализација на членство во ЕУ до 2030 година како што отвора врата ЕУ за Црна Гора, Албанија и други, па до времиња на големи ризици од разгорување војни во Европа, поделба на Европа и големи турбуленции на Балканот, од едноставна причина што влеговме во ера кога војните влегоа и сеуште влегуваат во мода, а воената атмосфера е присутна како да сме пред светска војна, атмосфера која малку потесќа на атмосферата пред првата светска војна, иако има и многу разлики.
Треба да продолжиме да ја подготвуваме земјата со несмалено темпо за да ги исполни критериумите и да најде прифатливо решение за надминување на предизвиците за членство во ЕУ без нанесување сериозна штета себеси, бидејќи таквото членство би било добро за нас. И секако, ако не дојде до реализација на споменатите ризици и политиките земат друг тек, тогаш да го добиеме заслуженото членство во ЕУ.
Но, истовремено, Македонија треба да се подготвува и за други ризични периоди и сценарија, во случај овие ризици кои ги изнесов да станат реалност.
Македонија со својата мултиетничка специфичност истовремено и примарно, покрај воената подготвеност за одвраќање напади на која треба да обрне внимание, и дипломатската промисленост за одбегнување такви ситиациии, треба да е фокусирана и на внатрешниот мир, пред се на одбегнување на можни повторни меѓуетнички тензии.
Да се надеваме дека водачите на најмоќните држави сепак ќе најдат начин и сила да ги избегнат овие ризици и негативни, односно воени сценарија, но да се подготвуваме и дека нема да се случи тоа.
Ниту еден од овие ризици за војни може да не се оствари, ако рациото не го остапи просторот на ирационалното и на егото. И многу поголеми од овие ризици може да се случат ако се случи спротивното.



