Фудбалерот на Фиорентина, Едоардо Бове е во индуцирана кома, откако колабирал на теренот за време на натпреварот од 14. коло на италијанската Серија А со Интер, соопшти клубот од Фиренца. Натпреварот веднаш беше прекинат и не продолжи.
Едоардо Бове веднаш бил пренесен во болница. Се знае кои се првите резултати од прегледите направени во болницата „Кареџи“.
– Фиорентина и Универзитетската болница „Кареџи“ соопштуваат дека фудбалерот Едоардо Бове моментално е под фармаколошка седација и хоспитализиран на интензивна нега. Со првите кардиолошки и невролошки тестови е отфрлена можноста за акутно оштетување на централниот нервен систем и кардио-респираторниот систем. Новата проценка ќе биде позната за 24 часа – се додава во соопштението на Фиорентина.
Бове колабираше на теренот во 16. минута од натпреварот во Фиренца, кој потоа беше прекинат. Според Скај, 22-годишниот играч од средниот ред колабирал додека се наведнувал да ги врзе врвките од патиките.
Фудбалерите на двата тима во паника ги повикале лекарите и биле крајно гневни бидејќи на теренот не влегла брза помош. Тие го опколија фудбалерот додека лекарите му помагаа, а потоа Бове беше изнесен од теренот на носилки.
„Скај“ наведе и дека Бове бил свесен додека бил во амбулантата, и дека успеал сам да дише. Покрај неговите родители и девојката, во болницата пристигна и тренерот на Фиорентина, Рафаел Паладино, како и повеќето негови соиграчи заедно со стручниот штаб и градоначалникот на Фиренца.
Пред болницата се собраа и навивачите на Фиорентина кои се потсетија на судбината на поранешниот капитен Давиде Астори. Тој беше пронајден мртов во хотелска соба во март 2018 година, а подоцнежните наоди покажаа дека се работи за срцев удар.
Ова е втор случај оваа година играч да колабира на теренот за време на натпревар од Серија А.
Натпреварот меѓу Фиорентина и Интер заврши 0:0.