Додека едни велат дека пелетите се „новото дрво“, други и натаму остануваат верни на традиционалниот оган во шпоретот.
Во пракса, одговорот на прашањето кое греење е поисплатливо, на пелети или на дрва, не е толку едноставен.
Сè зависи од типот на објектот, квалитетот на изолацијата, начинот на користење и, секако, од пазарните цени кои се менуваат буквално од сезона во сезона.
Во моментов, според трговците, кубик дрва во Македонија чини од 3.500 до 4.000 денари, додека еден тон пелети достигнува и до 400 евра.
На прв поглед, дрвата изгледаат поевтино, но енергетската вредност на пелетите е поголема, што значи дека се потребни помали количини за исто ниво на топлина.
Притоа, пелетите нудат поголема удобност како автоматско палење, дигитална контрола, чистота и помалку пепел. Но, тоа комфорче чини, па инвестицијата во печка на пелети и не е мала.
Познавачите на енергетските системи велат дека на долг рок, пелетите се поисплатливи ако домаќинството има добра изолација и ако печката е квалитетна.
На крајот, според калкулациите на енергетските стручњаци, просечно семејство што троши околу 10.000 киловат-часови топлинска енергија годишно би платило од 60 до 70 илјади денари ако се грее на дрва, а меѓу 70 и 80 илјади ако користи пелети. Разликата не е драстична, но комфорот е драстичен.
Извор: Денар.мк



