Статистичките податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека нашата држава има висока стапка на пушење, односно над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од возрасните жени користат тутун или некаков никотински производ, изјави заменик министерот за здравство Јовица Андовски на заедничката прес-конференција со директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, претставникот на Светската здравствена организација и шеф на Канцеларијата во Северна Македонија Аким Али и претставничките на Обединетите нации и УНИЦЕФ, Рита Колумбија и Лесли Милер, денеска, по повод одбележувањето на Светскиот ден без тутун.
Како што посочи Андовски, употребата на тутун доведува до загуба на продуктивност и економски загуби, нагласувајќи дека секој еден денар инвестиран во контрола на тутун, носи поврат од 18 денари заштеда на здравствени трошоци.
– Употребата на тутун предизвикува и здравствени трошоци и може да се доведе до загуба на продуктивност, што придонесува до економски загуби. Секој еден денар инвестиран во контрола на тутун носи поврат од 18 денари заштеда на здравствени трошоци и добивки во продуктивност. Овие податоци реално ја отсликуваат потребата од контрола на тутун како еден голем здравствен императив … Сепак би сакал да истакнам дека контролата на тутунот не зависи само од здравствениот сектор. Еден од клучните аспекти е инспекторскиот пристап и поддршката од сите институции за доследно спроведуање на законите, регулирање на сите прозиводи што користат тутун и никотин, како и воведување на нови мерки согласно потребите, нагласи Андовски.
Шефот на канцеларијата на СЗО во Скопје, пак, во своето обраќање истакна дека седум милиони деца во светот се пушачи. Вознемирувачки е, вели, фактот дека седум од десет пушачи во земјава започнале со пушење од рана детска возраст.
– Седум милиони деца насекаде во светот се пушачи. Навистина е вознемирувачки да се знае фактот дека седум од десет пушачи во Северна Македонија започнале со пушење во рана детска возраст. Ќе се согласите со мене дека е неприфатливо податоците од 100 смртни случаи поврзани со тутунот, една петтина припаѓаат на пасивното пушење, така што пушачите не го уништуваат само сопственото здравје, туку и здравјето на своите деца, членовите на семејството и општата јавност. Кога луѓето користат тутун, покрај болестите како што се канцерот, респираторните болести кои се јавуваат во текот на животот, дури и оние пациенти кои се пократко хоспитализирани, тие сепак остануваат подолго во споредба со другите пациенти и нормално тоа ги зголемува трошоците, рече Али.