На кинеската вселенска станица е откриена супербактерија со досега невидени способности

131

Нов, претходно непознат вид бактерија е откриен на кинеската вселенска станица Тиангонг, кој има посебни способности да се прилагоди на вселенските услови, според извештај на кинеските научници, објавува „Њујорк пост“.

Бактеријата, наречена Niallia tiangongensis, била изолирана од површината на вселенската станица со помош на стерилни марамчиња што ги користеле кинеските астронаути – а потоа вратена на Земјата замрзната. Истражувањето го спроведе Пекиншкиот институт за воздухопловно инженерство, а резултатите беа објавени во меѓународното научно списание International Journal of Systematic and Evolutionary Microbiology, објавува Net.hr.

Niallia tiangongensis е близок роднина на добро познатата копнена бактерија Niallia circulans, која најчесто се наоѓа во почвата, канализацијата, храната, па дури и во човечкиот измет.

Сепак, оваа вселенска верзија содржи неколку мутации што би можеле да играат важна улога во потрагата по живот надвор од Земјата.

Научниците забележале дека новата бактерија има посебна способност да го разградува желатинот, што значи дека може да го користи како извор на храна во средини со ниски количини на хранливи материи – што е исклучително корисно во вселената.

Покрај тоа, идентификувани се структурни и функционални разлики кај два клучни протеини на оваа бактерија, а овие протеини би можеле да придонесат за зајакнување на формирањето на биофилм (заштитен слој на бактерии), одбрана од оксидативен стрес и поправка на штетите предизвикани од зрачење. Сите овие адаптации ја прават исклучително отпорна и прилагодлива на вселенските услови, заклучуваат истражувачите.

Претходна вестРускиот шеф на дипломатијата: Примирје нема да има
Следна вестИзгласан Законот за ангажирање сезонски работници