Мицкоски од Скопје оди кон Брвеница и Кичево – ќе ја прославува победата во овие две општини

30

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва прогласи голема победа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој најави дека ќе ја слави победата во Брвеница и во Кичево заедно со граѓаните, а рано наутро утре ќе патува за Брисел. Кандидатот на Вреди за Брвеница Хаќим Рамадани ќе биде разрешен од функцијата во Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Мицкоски му се заблагодари на народот и рече дека ова е заедничка победа.

– Ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се бориме, неговите надежи и нашата заедничка татковина. Беше жилава, тешка борба со многу предизвици, се одлучуваше во 5 до 12. Знаете дека тој противкандидат се обиде да профитира на името на етничките поделби, не сакам името да му го споменам, но Брвеница има градоначалник – рече Мицкоски вечерва на прес конференција.

Тој наброја дека победиле во Скопје, Карпош, Аеродром, Чучер-Сандево.

– Победивме во Валандово, Дојран, Крушево кои досега има градоначалници на СДСМ. Во Кочани, кое мораме да го издигнеме. Победивме во Кичево, падна Фатмир Дехари. Во Кичево победи соживотот и вербата во вредности, тоа е важен пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети. Падна митот дека Кичево е нивно или наше, Кичево е на кичевци. Таа победа покажува дека народот е поголем од политиката – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ победи во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Дебарца, Конче, Пробиштип, Дебарца…

– Овој резултат е порака до СДСМ. Не сум среќен поради нивниот дебакл. Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија, за новата енергија што ја движи државата напред. Секој глас што го добивме е обврска, секои избори се порака до нас да не се забегува со победата. Време е за обединување. Ја слушнавме и тишината на оние кои не гласаа. Следниот пат, ве молам, не останувајте дома, само обединети можеме да ја направиме Македонија – рече Мицкоски.

Алудирајќи на поразот на Стевчо Јакимовски во Карпош, тој рече:

– Помина времето на локални шерифи кои се шетаа од еден во друг ќош. Тоа време заврши. Порака е испратена и до оние кои спремаа нечесни подземни игри, бомбата што ја спремаа им прсна во рака.

Тој рече дека не смета оти коалицискиот партнер Вреди го бојкотирал вториот круг.

– Не мислам дека нашиот коалициски партнер нѐ бојкотира. Никој не ги носи гласовите во џеб. Видовме една чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите на Вреди не гласаа и не го поддржаа Ѓорѓиевски во вториот круг – рече Мицкоски на новинарско прашање.

Претходна вестМицкоски: Падна митот за Кичево, народот покажа дека може да се обедини
Следна вестВенко Филипче: Следуваат сериозни кадровски промени во СДСМ