Македонија започна одлично, па загуби убедливо среде Скопје од Словенија

51

Македонската машка ракометна репрезентација доживеа пораз од Словенија на домашен терен (26:32), во третиот натпревар од квалификациите за ЕП 2026.

Избраниците на Кире Лазаров влегоа максимално мотивирани на дуелот пред домашните фанови во Скопје и доминираа против фаворизираниот противник во најголем дел од првото полувреме, но тоа не беше доволно за освојување бодови против Словенија.

Македонија водеше со 10:4 и 11:5, но гостите успеаја да ја стопат предноста до крајот на првиот дел, кој заврши со минимална предност на нашата репрезентација (16:15).

Второто полувреме донесе многу поинакво издание на Словенците, кои го комплетираа пресвртот и на моменти стигнаа до плус пет гола, најавувајќи ја победата на гостувањето во Скопје.

Словенците на крајот победија со 26:32, со што остануваат на првото место во квалификациската група, а нашата репрезентација има една победа и два порази во пресрет на гостувањето кај истиот противник.

Кузмановски со 10 и Митев со 5 голови беа најефикасни во македонската репрезентација, додека Влах со 10 погодоци беше најдобар реализатор во победничкиот состав.

Претходна вестПапата е стабилен, има подобрување