Македонија го трга царинскиот ѕид кон САД. Од 1 јули, увозот на американски производи ќе биде целосно либерализиран. Владата ја крши бариерата која долго време ја ограничуваше трговската размена меѓу двете земји и го натера американскиот претседател Трамп на земјава да и воведе 33% царини.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска ја најави оваа пресвртна мерка која ќе овозможи слободен увоз на стоки од САД без царински такси. Ќе го направи ли Америка истото, министерката побара трпение.
Оваа одлука е дел од обемна реформа која истовремено ги намалува царинските стапки за 67 индустриски производи, критични за домашната економија. Царинските намалувања се насочени кон индустрии како автомобилската, металопреработувачката, металургијата и енергетиката, а целта е јасна – да се зголеми конкурентноста и извозот на македонските компании.
Една од најважните новини е и намалувањето на царината за литиум-јонските батерии, кои стануваат клучен фактор за развојот на енергетскиот сектор и обновливите извори на енергија. Намалувањето од 15 на 2,7 проценти директно ќе ја олесни имплементацијата на модерни енергетски решенија. Министерката немаше конкретен одговор зошто нејзината партија беше против ваков закон, кога претходната влада го предложи, а ВМРО-ДМПНЕ тогаш тврдеше дека тоа се прави за да му се угоди на тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев и неговите компании.
Со овие промени, Македонија ги усогласува своите царински политики со меѓународните стандарди и обврските кон Европската унија. Следниот период ќе покаже како новите мерки ќе влијаат врз домашната економија и трговските односи и какви ќе бидат ефектите врз пазарот и потрошувачите


