Морам да изразам задоволство од признавањето на статусот на македонскиот јазик во однос на преговорите со Европската унија, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка на СДСМ, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма по дводневниот собраниски претрес за избор на новата влада и нејзината програма.
„Како министерка и пратеничка во минатиот и во овој состав на парламентот, кога ќе се споменеа преговорите со Европската унија, постојано слушавме за загрозен јазик, за загрозен идентитет, загрозена култура, итсторија, итн. Мене ми е особено драго што и во програмата на владата стои дека ќе се зајакнуваат преведувачките и толкувачките капацитети на македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на национална верзија на европското законодавство и обезбедување на квалитетна поддршка на пристапните преговори. Што значи дека сето она што го зборувавме во изминатите две и пол години откако станав министерка, дека македонскиот јазик во ниту еден момент не беше загрозен, и неговиот статус“, истакна Костадиновска Стојчевска.
Она што ја загрижило пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура, е најавата за, како што вели, „позајмица, некаква инвестиција“ од 400 милиони евра.
„Јас бев пратеничка во минатиот состав на парламентот, кога ја исплативме последната рата од онаа позајмица што се зема во 2012 година за „Скопје 2014“. Мило ми е што голем дел од проектите се продолжение на сето она што ние сме го работеле, за сето она што се споменувало дека ние сме го правеле погрешно, било криминално, било сомнително, итн. Еве сега гледаме дека голем дел од сите тие работи се прифатени и се дел од владината програма и ми е драго дека доброте практики се прифаќаат и се продолжува натаму“, рече Костадиновска Стојчевска.
За нејзиниот наследник во министерството за култура, Зоран Љутков рече дека е исклучителна личност, професионалец во она што го работи и оти му посакала среќа во ангажманот при примопредавање на функцијата.