Изминатите неколку недели покажаа колку брзо може да се промени ситуацијата во различни делови на светот под претседателството на Доналд Трамп. Што може да значи ова за Босна и Херцеговина, Косово и Србија, анализира „ДВ“.
Трите југословенски војни од 1990-тите – во Хрватска (1991-95), Босна и Херцеговина (1992-95) и Косово (1999) – на крајот беа завршени под водство на САД. Оттогаш, две воени мисии предводени од ЕУ и НАТО го гарантираат мирот во Босна и Косово. Меѓутоа, состојбата на Западен Балкан континуирано се влошува веќе две години.
Нестабилен регион
Спиралата на насилство започна во декември 2022 година. Откако претставниците на српското малцинство во Косово, по наредба на Белград, ги напуштија институциите на косовската држава, судството, полицијата и администрацијата, српскиот претседател Александар Вучиќ распореди војници на северната граница на соседната земја.
Поранешниот германски дипломат Волфганг Ишингер го обвини Вучиќ дека сака да го „игра малиот Путин“. „Сметам дека е срамота како Вучиќ и српското раководство подгреваат конфликти. Вината за оваа ескалација ја префрлам целосно на Белград“, рече Ишингер.
Вучиќ, пак, истакна дека неговата војска ќе го штити српското малцинство на Косово. Владата во Белград сè уште го нарекува Косово, кое од 1999 година не е под српска контрола, своја „јужна провинција“. Во текот на 2023 година, ситуацијата дополнително ескалира: во мај, српските демонстранти повредија вкупно 90 војници на НАТО од мировните сили на КФОР на Косово.
Во септември 2023 година, избија судири меѓу српските паравоени единици и косовската полиција во близина на српскиот православен манастир Бањска во северно Косово. Убиени се четири лица, а десетици припадници на српските паравоени сили, предводени од еден од доверливите луѓе на Вучиќ, успеале да побегнат во Србија. Притоа зад себе оставија модерно воено оружје вредно милиони евра од арсеналот на српската војска, кое можеше да опреми повеќе од 100 борци.
Сè укажуваше дека се планира поголема воена операција, можеби со цел да се заземат четири општини во северно Косово, каде што српското малцинство го сочинува мнозинството од населението во оваа претежно со Албанци населена територија.
На 26 февруари 2025 година, за време на посетата на Москва, српскиот вицепремиер Александар Вулин и се закани на друга соседна земја Србија: „Босна никогаш не била поблиску до својот крај“.
РС и Србија
Државниот суд на Босна и Херцеговина го осуди Милорад Додик, сецесионистичкиот претседател на Република Српска (РС), на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција.
Додик претходно се закани дека пресудата против него може да и нанесе „фатален удар“ на БиХ. Претседателот на РС беше обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, кој е највисока институција на меѓународната заедница во земјата и обезбедува мир во неа од крајот на војната во 1995 година.
По пресудата, Додик дополнително ја ескалира ситуацијата и иницира усвојување на низа закони во парламентот на РС, со кои се забранува на безбедносните и судските власти на Босна и Херцеговина да работат во Република Српска. Овие закони стапија на сила минатиот петок (06.03.2025), но не беа почитувани од сите засегнати институции.