Трагедијата во Кочани ја зема и шеесетата жртва. Почина 29 годишниот Александар Карадакоски ој се лекуваше во Литванија. Министерот за здравство, Арбен Таравари ја потврди веста за неговата смрт и објасни дека за време на кобната ноќ, Карадакоски се здобил со тешки изгореници и бил еден од пациентите во критичната состојба и бил ипратен на лекување во Литванија.
40% од неговото тело било со тешки изгореници и дека поради откажувањето на бубрезите бил ставен на дијализа. Дополнителен проблем била и инфекцијата која се појавила поради огромната површина на раните на телото.
Карадакоски бил заведен како управител на кабарето Пулс, а според неофицијални информации работел таму како шанкер. Тој беше еден од 34-те осомничени за трагедијата во Кочани.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, соопшти дека преку македонската амбасада во Варшава, е во редовна комуникација со семејството на починатиот Карадакоски, како и со надлежните институции во Литванија.
„Од страна на Амбасадата се преземаат сите неопходни активности за завршување на конзуларните постапки и за организација на транспортот на телото на починатиот македонски државјанин назад во земјата“ се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи
Министерот за здравство потврди дека има уште тројца пациенти кои се исто така во тешка состојба која активно се следи.
На лекување сè уште се 78 пациенти од кои 14 се во Македонија, а останатите во странство. Денеска од скопските клиники на домашно лекување ќе бидат пуштени петмина, а во земјава треба да се вратат шест пациенти, двајца од Бугарија, двајца од Шпанија и двајца пациенти од Унгарија кои се добри и стабилни, но ќе се лекуваат уште еден ден по протоколите, 24 часа ќе престојуваат во нашите болници од кај што биле испратени.