Претседателскиот кандидат од ГРОМ Стевчо Јакимовски доколку ја добие довербата од граѓаните на престојните претседателски избори најави справување со партизацијата која вели, станува рак-рана на македонското општество, а епидемијата ја, за жал ги зафатила и безбедносните сили на Република Македонија, кои, рече, се полни со кадри или на Социјал-демократскиот сојуз, или на ВМРО-ДПМНЕ, или на ДУИ.
-Одговорно тврдам, како претседател на Република Македонија, дека во безбедносните служби, поготово во Агенцијата за разузнавање, нема шанси веќе да влезе лице коешто има било каков контакт со било која политичка партија. Во исто време тврдам дека началник на Генералштаб нема шанси да биде лице блиско до било која политичка партија, ниту пак Гувернер на Народна банка да биде лице коешто е блиско до било која политичка партија во Република Македонија, рече Јакимовски во видеото објавено на неговиот Фејсбук профил.
Јакимовски најави дека како претседател нема да предлага лица за членови во Судскиот совет, Советот за безбедност како и судии во Уставниот суд, доколку се блиски до било која партија, вклучително и неговата или од коалицијата.
-Значи сите овие лица, во Агенција за разузнавање, во Републички Судски совет, во сите останати институции кадешто претседателот на државата е ги предлага, или ги назначува, ќе бидат исклучиво лица кои немаат било каков контакт со партиите. Значи на сите ни е преку глава од партизацијата, на сите ни е преку глава од политички поделеното општество. Јас сакам да бидам претседател на сите граѓани на Република Македонија и широко да ги отворам вратите за оние кадри кои сакаат да ѝ служат на Република Македонија и сите граѓани, а не на политичките партии, порача Јакимовски.