ИНТЕРВЈУ со Сања Лукаревска: Одлуките кои ги носиме, ќе бидат потврдени од времето како историски

162

Заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска во интервју за „Информа“ зборуваше за очекувањата во однос на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Информа: Сите очи се вперени кон 24-ти април односно 8-ми мај. Кампањата за претседателските избори веќе е во тек. Kакви се очекувањата на СДСМ како партија и која е реалната слика на терен, дали може да се очекува СДСМ повторно да биде дел од власта?

Сања Лукаревска: СДСМ е сериозна партија која што има одлична изборна програма и како и секогаш претендира да ја освои, или како сега, да ја задржи власта. Власта сама по себе не е цел, да се добијат изборите, да се формира Влада, тоа е начинот да ја реализираме нашата изборна програма и цврстата определба за европска Македонија. Се залагаме и работиме за европски стандарди дома, за подобри работни места за повисоки плати, повисоки пензии, за подобри услови за живеење. Сите овие придобивки се поврзани со успешноста на евроинтегративниот процес. Колку побрзо се движиме кон ЕУ толку побрзо ќе напредуваме и како држава и како граѓани. Ние сме со граѓаните секојдневно, настапуваме отворено и одговорно. Треба да се биде искрен, зашто и по изборите треба да си кажеме добар ден и овде во Делчево, и во Штип, и во Велес и во Прилеп, пак ќе се видиме. Одлуката е на граѓаните, на крајот од денот тие одлучуваат за својата и за иднината на државата. Затоа и ќе ги замолам, да гласаат со вистинско убедување во својот избор, зашто овие избори се многу важни.

Информа: Во 2020 година бевте ко-носител во ИЕ 2, додека на овие избори ќе бидете носителка во ИЕ 3. Каде Сања може да донесе повеќе гласови и која е разликата меѓу двете изборни единици?

Сања Лукаревска: Независно од тоа во која изборна единица сум носител на листа, важно е на граѓаните да им ја презентирам програмата на СДСМ и коалицијата, целите кои ќе ги реализираме во следниот мандат. Изборната единица 3 е специфична по тоа што опфаќа голем број на општини, 24. Имам многу пријатели скоре секаде, но, секојдневно имам можност да се запознаам и со многу нови луѓе, различни, но главно срдечни, отворени и искрени. Разговараме, ги респектирам нивните мислења и убедена сум дека тие ќе го направат вистинскиот избор. Мирот, стабилноста, благосостојбата, себе почитта и почитта од другите не се подразбираат, не се случуваат сами од себе, за тоа се потребни државнички, храбри одлуки на свесни и совесни политичари. Градителите мислат и работат за иднината, за уривање е доволен и еден ден. Затоа, верувам во граѓаните, верувам во нивната свесност за важноста на овие избори и за тежината на нивниот глас. Наше е да се бориме за целите во кои што веруваме, а моќта е во граѓанинот, во тој што го има гласачкото ливче во рака. За СДСМ демократијата е највисока вредност, а правото на слободен избор е најцврстата гаранција за демократија.

Информа: Лукаревска е една од ретките политичари кои долги години е во политика, но вашето име не е поврзано со ниту една црна дамка. На што се должи тоа?

Сања Лукаревска: Невозможно е да си во политиката, секојдневно да си изложен пред судот на јавноста, а да останеш недопрен. Сигурно и јас не сум поштедена од тоа. Но, кога влегуваш во политика, најважно е да имаш договор сам со себе за принципите кои ја определуваат твојата личност и да останеш доследен на нив. Ако се движиш по сопствената патека и воедно работиш за остварување на целите на политичката опција која ја застапуваш, секогаш имајќи предвид дека работиш за граѓаните зашто тие ти ја дале довербата, можеш да спиеш мирно. Работа, интегритет, доверба и почитување. Не е лесно, ама вреди.

Информа: Откако сте на директорската позиција во УЈП, се случија неколку револуционерни промени. Која е мерката со која најмногу се гордеете и дали постои нешто кое сакавте, но немавте доволно време да го реалзирате во самата институција?

Сања Лукаревска: СДСМ во сите свои партиски, а потоа и во владините програми од 2017 година е свртена кон граѓаните. И мојата цел како директор беше да ја вратам довербата на граѓаните, УЈП граѓаните да ја доживуваат како институција која работи за нив, а не да се плашат дури и од името. И мислам дека успеваме во тоа со односот што го градиме со компаниите и воопшто со сите даночни обврзници. Работиме транспарентно, имаме еднаков пристап кон секого. Мерката МОЈ ДДВ беше новина. Ја воведовме пред речиси 5 години и е уште еден ефикасен механизам за заштита на домашната економија и на државниот буџет, но и мерка преку која вративме близу 150 милиони евра во семејниот буџет на граѓаните. МојДДВ продолжува . Имаме цел во 2025 година максималниот износ на поврат да го зголемиме на 2.400 денари, во 2027 на 2.700 денари, а на крајот на мандатот во 2028 година тој да изнесува 3.000 денари во едно тромесечие. Важна придобивка која многу им олеснува на граѓаните е електронската предпополнета годишна даночна пријава. Нема веќе хартија и чекање во ред. Граѓаните само треба да ја проверат на електронскиот систем e-pdd.ujp.gov.mk, да ја потврдат или корегираат. Во соработка со Светска Банка обезбедуваме нов Интегриран даночен информационен систем, што ќе ја зголеми ефикасноста, ефективноста и ажурноста на сите услуги, а ќе има ефект и на наплатата и сузбивањето на даночното затајување. Со поддршка на УНДП, дел сме од проектот “Inspectors without borders”, а активно сме вклучени и во проектот за трансферни цени. Предизвици има постојано и важно е да се продолжи со зајакнување на институционалните капацитети за подобрување на процесите и услугите со воведување на нови технологии. Така ја зголемуваме и ефикасноста и довербата кај граѓаните.

Информа: Долго време сте во политиката, особено во последните неколку години на високи позиции кои носат и голема одговорност. Дали постои одлука за која можеби подоцна сте се покајале односно би ја промениле доколку сега би можеле?

Сања Лукаревска: Кога донесувате одлуки секогаш има и ризик, пред се поради објективни околности над кои неможете да имате целосна контрола. Така е во политиката, така е и во животот. Има ситуации и кога сум се преиспитувала, дали постоел и друг начин, дали можело и подобро. Кога ја имате довербата во партијата или во државата да одлучувате за прашања кои што имаат многу пошироко влијание, надвор од вашиот личен простор, тогаш одговорноста е огромна и тежи. Но, најнеодговорно е да се побегне од одговорноста. И тоа ги прави различни и луѓето и политичарите. Довербата ја заслужуваат оние кои имаат капацитет да го проценат моментот и да донесуваат храбри одлуки, без да се плашат од товарот што лично ќе го понесат, ако е тоа интерес на државата и на граѓаните. На подолг рок, времето ги валидира одлуките. Јас сум убедена дека одлуките што ги донесувам, како резултат на политиката што ја застапувам, ќе бидат потврдени од времето како историски.

Информа: За прв пат имаме седум кандидати за претседател. Колкави шанси има Пендаровски да добие втор мандат и доверба од граѓаните?

Сања Лукаревска: Исправните политики секогаш имаат шанса. Претседателот Стево Пендаровски во својот мандат покажа дека е претседател на сите граѓани, човек со интегритет, посветен на напредокот на државата како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Сите успеси досега, пред се во надворешната политика и во одбраната, ги остваривме заедно. Пендаровски работи на градење на цврсти позиции на државата надвор, што гарантира мир, стабилност и развој. Најважна е благосостојбата на граѓаните, а тој се грижи за тоа и работи на остварување на целите за европска Македонија. Убедена сум дека сите прогресивни граѓани ќе го поддржат да добие втор мандат и да ја води државата низ процесот за членство во Европската Унија.

Информа: Доколку СДСМ повторно биде дел од власта, на која позиција се гледа Сања Лукаревска?

Сања Лукаревска: За позициите да зборуваме по формирањето на новата Влада во која ја гледам СДСМ и коалиционите партии со кои што споделуваме исти вредности и цели. Ќе има многу простор за работа и верувам дека за секој кој што ќе сака искрено и одговорно да се вклучи во реализацијата на програмата на идната Влада, ќе има место.

Информа: Која е пораката што би сакале да ја испратите на граѓаните на Македонија?

Сања Лукаревска: Почитувани граѓани, кога ќе одлучувате, пред се помислете на себе, на сопствената и на иднината на вашите деца. Вие сте најважни. Направете го изборот со кој што полесно ќе излезете во Европа, нема тоа да биде привилегија само на некои, туку нормалност за сите, или пак да останете во европска Македонија, ќе биде добро, а дома си е дома.

претходниот член,ИНТЕРВЈУ со Сања Лукаревска: Одлуките кои ги носиме, ќе бидат потврдени од времето како историски
Следната статијаСпасовски: Време е за подобро и повеќе – во следниве четири години минимална плата од 600 евра, просечна од рекордни 1.100 евра