Случајот со македонската државјанка Сашка Стојановска, која се најде во притвор во Црна Гора поради сомнение за кривично дело поврзано со усмртување куче, предизвика бројни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.
По информациите дека Основниот суд во Улцињ ѝ одредил 30-дневен притвор, дел од граѓаните започнаа да искажуваат поддршка за Стојановска, барајќи институциите да ја разгледаат и другата страна од случајот.
Еден од коментарите што привлече внимание на социјалните мрежи гласи:
„Сашка е самохрана мајка. Македонија како држава мора да застане зад неа и да ѝ се спротивстави на Црна Гора. Треба да се слушне и нејзината страна, а не веднаш да се осудува.“
Дел од корисниците на социјалните мрежи посочуваат дека случајот треба детално да се истражи и дека треба да се земат предвид сите околности пред да се донесе конечен заклучок.
„Не знаеме што точно се случило, но секој човек има право на фер постапка и на тоа да биде слушнат“, пишува еден граѓанин.
Друг коментар гласи:
„Ако навистина постоела опасност за неа и нејзиното семејство, мора да се разгледа целата ситуација, а не само последицата.“
Дел од поддржувачите апелираат македонските институции да обезбедат конзуларна и правна поддршка.
„Без разлика на исходот, државата мора да се грижи за своите граѓани кога се наоѓаат во проблеми надвор од границите“, наведуваат граѓани во реакциите.
Од друга страна, случајот продолжува да биде предмет на истрага во Црна Гора, а надлежните органи треба да ги утврдат сите факти и околности поврзани со настанот.
Според досегашните информации, црногорската полиција тврди дека Стојановска со автомобил намерно прегазила куче од расата шарпланинец и потоа се обидела да ја напушти земјата. Нејзината одбрана, пак, наведува дека животното претходно го усмртило нивното куче и дека таа и нејзиниот малолетен брат биле нападнати.
Конечниот исход ќе зависи од понатамошната постапка и доказите што ќе бидат презентирани пред надлежните органи.




