Во Соединетите Американски Држави, 33 сојузни држави ја тужеа Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, поради наводната штета што овие платформи ја предизвикале на менталното и физичкото здравје на децата.
„Во обид да го зголеми профитот, Мета постојано ја заведуваше јавноста за суштинските опасности од нејзините производи. Ги прикриваше начините на кои Инстаграм и Фејсбук ги искористуваат и манипулираат најранливите потрошувачи: децата и тинејџерите“, изјави јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, пренесува Гласот на Америка.
Адвокатот Метју Бергман од Правниот центар за жртви на социјалните мрежи поднесе претходни тужби за случаи на „сајбер малтретирање“, дигитално насилство и вознемирување на социјалните мрежи, кои сега станаа дел од голема федерална тужба.
Тој вели дека овие платформи се опасни за младите не толку поради содржината, туку поради начинот на кој се дизајнирани да промовираат зависност.
„Алгоритмите се експлицитно дизајнирани да го максимизираат ангажманот на корисниците, а не да им го дадат на децата она што сакаат да го видат, туку она од кое не можат да го оттргнат погледот. Ги изложува на материјали што не ги бараат, ги тера да мразат како изгледаат, ги мразат своите тела и ги поттикнуваат да се однесуваат ризично“, вели Бергман.
Мета вели дека им нудат на тинејџерите околу 30 алатки и ресурси за да им помогнат да ја заштитат нивната приватност и благосостојба, вклучително и заштита од несакана содржина.
„Кога возрасен ќе се обиде да му испрати порака на тинејџер кој не го следи, ќе види известување кое ќе му дава до знаење дека испраќањето пораки до тинејџерот не е опција“, рече потпретседателката за управување со производи на Мета, Емили Далтон Смит.