Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир ќе ја финансираат Академијата за наука и уметност на Албанците во Македонија

487

Градоначалниците на Општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир се договориле да ја финансираат Академијата за наука и уметност на Албанците во Македонија додека таа не добие државна поддршка. На состанокот, кој се одржа во зградата на Општина Тетово, присуствуваа и претставници од Здружението за наука и уметност – Тетово кое сака да прерасне во Академија како и претседавачите на Советите од овие 4 Општини.

„На овој состанок се договоривме, за почеток сите четири Општини да го поддржиме овој проект и заедно со професорите, односно академиците, да се дојде до формално правно решение. Како тоа ќе биде јас не сакам сега да кажам, затоа што тоа треба да биде како резултат на една поширока општествена и политичка дебата и да се најде соодветното решение“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

„Здружение за наука и уметност – Тетово“, така сега гласи името на Здружението кое сака да прерасне во научна Академија. На денешниот состанок во Тетово присуствуваа и тројца претставници од Здружението кои беа претставени како идни академици.

„Со колегите тука и со сите други членови на Академијата се обидовме пред една година да контактираме и баравме прием кај сите политички партии, и албански и македонски. До Владата и Парламентот упативме и елаборат за Академијата на 121 страница, но не добивме одговор. Ние се обидовме ова прашање да го решиме преку еден општествен дијалог. Општините само ќе ги финансираат нашите проекти. Не бараме плата како академиците во МАНУ, бараме општините да ни ја плаќаат киријата и патните трошоци. Иако сега се водиме како здружение, ние сме Академија бидејќи структурата на луѓето ни е таква, со научни достигнувања“, вели Хасан Јашари, кој сега се води како претседател на „Здружение за наука и уметност – Тетово“.

Формирањето на Академија на Албанците засега има поддршка од коалицијата „Вреди“, а Касами вели дека ќе продолжат разговорите со сите партии и институции до конечно решение.

„Го почитуваме ставот на нашиот коалиционен партнер околу овој проект, но исто така сакам да подвлечам дека ова е многу понормално од порано, од она што пред десетина години била реакцијата на политиката за вакви и слични проекти. Решението треба да се најде преку една поширока дебата. Јас останувам на тоа што сум го рекол дека Албанците веќе се созреани за да бидат претставени на академско ниво“, рече Касами.

Академик Алајдин Абази е еден од двајцата актуелни потпретседатели на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Ни во Законот за научно-истражувачка дејност, ни во Законот за локална самоуправа постои можност за формирање паралелна, микро, општинска научна академија. Дури и за мешовита научна установа која може да ја формираат општините, има строги законски услови кои мора да се исполнети, но и бадентерово мнозинство во Советот на Општината каде што се сака да се формира таква мешовита научна установа.

На 30 јули, откако 2 дена претходно Колаицијата „Вреди“ најави дека почнува постапка за формирање Академија на Албанците, министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, од редовите на „Вреди“, рече дека дека перцепцијата кај Албанците е оти се слабо застапени во МАНУ, како по број на академици, така и во администрацијата, но вели дека не знае зошто тие не се пријавувале на огласи за прием на нови членови, бидејќи не работи во Академијата.

На прашање каде имаат Албанците голем потенцијал во научен кадар кој може да даде придонес во научната мисла и во истражувањето, а тој кадар не е застапен во МАНУ, Муртезани кажа дека тие конкретни бројки и области тој не ги знае, но перцепцијата останува.

Извор: СДК.мк

претходниот член,Лоша вест ја потресе Македонија: Се судрија мопед и електричен тротинет во Куманово: 19-годишна девојка тешко повредена
Следната статијаОхрид го добива најдобриот и најлуксузен салон за мажи – Hair saloon Seki