Во 43 општини во државата гласањето е завршено во првиот круг за избор за градоначалници, во 33 ќе има втор круг, а во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус, соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК), објавувајќи ги првичните официјални резултати од локалните избори одржани на 19 октомври.
Излезеноста на локалните избори е 46,63 отсто, односно на изборите гласале 854 620 граѓани.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко соопшти дека согласно примените оригинални записници од сите Општински изборни комисии (ОИК), во текот на денешниот ден, во 33 општини за две недели, на 2 ноември ќе има втор изборен круг за избор на градоначалник.
За градоначалник на Град Скопје, во втор круг ќе одат Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во вториот изборен круг за победник се смета оној кандидат што ќе освои повеќе гласови, нема цензус“, рече тој.
Во четири општини каде не се исполнети законските услови за излезеност од законскиот минумум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.
Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.
Во Гостивар одзивот е 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
Како што информираше Кондарко, рокот за приговори за сумираните резултати тече 48 часа, почнувајќи од 22 часот на 20.10.2025 година, а завршувајќи на 22.10.2025 година.
Од вчера тече и рокот за постапката за евентуални приговори за текот на гласањето.
На седницата, ДИК како неосновани ги отфрли приговорите за наводни нерегуларности во изборниот процес поднесени од Група избирачи Билјана Ивановска за градоначалник на Општина Центар и на Група изборачи Јане Димески за советничка листа за Општина Центар.
