Осум лица се пренесени во болница поради повреди здобиени во силното невреме што вчера го зафати Скопје.
Според првичните информации, четири лица се згрижени на Ургентниот центар, а уште четири во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ (Стара градска), каде им е укажана неопходна медицинска помош.
Меѓу повредените е и 86-годишна жена од населбата Џон Кенеди, врз која паднало дрво. Таа со тешки повреди на главата е пренесена на Ургентниот центар.
Едно лице со посекотина на челото самостојно побарало лекарска помош во болницата „8 Септември“.
Надлежните институции најавуваат повеќе информации за состојбата на повредените во текот на денот.




