Ситроенот со кој беше киднапирана малата Вања веднаш ми беше сомнителен, кажа пред судот сведокот Гоце Трајковски. Причина за тоа било неговото бавно движење, но и информацијата која ја добил од вработен во „Сејф сити“, дека му припаѓало на убиениот Панче Жежовски, по кого исто така се трагаше во тој период.
Трајковски со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, веднаш почнал да бара видео материјали со цел пронаоѓање на девојчето. Водејќи се по ГПС-системот што го имал Ѓорчевски за движењето на својата ќерка, почнале да бараат снимки од камери од објектите во близина на зградата на улицата „Наум Наумовски-Борче“, од каде беше киднапирана. На идејата да ги бара снимките дошол откако според неговите зборови полицијата не презела ништо. 30 полицајци само седеле, како да играат жмурка, кажа сведокот.
-Од снимките од фризерницата гледавме возила поминаа 10-15 возила и за секое правевме скриншотови. Кога помина еден ’ситроен’ многу чадеше и му реков на Саше дека ми е сомнително оти е тазе стартуван и работи под саух и дека прозорците се замаглени. Ситроенот димеше, и возеше со 10 километри на час. Реков дека возилото ми е сомнително, Александар рече дека Вања нема шанси да се качи во вакво возило. Му се јавив на другарот во ’Сејф сити’ откако претходно му ги пратив скриншотовите од снимките, кажа Трајковски.
Како сведок во судскиот процес кажа дека неодамна од членови на партијата „Десна“, каде претседател беше првообвинетиот за двојното убиство, Љупчо Палевски, добил закани со порака да внимава што зборува, дека ќе завршел во дупка.
-Може да напоменам дека од овие психопати овде ми се закануваат, ми испраќаат пораки на Фејсбук од профил ’Недвижности Битола’ со закана да внимавам што зборувам. Но, потоа се издадоа дека се од партијата Десна. Имам тужба за тоа што ги пцуев. Но, не сум јас дете од 14 години или старец да им се плашам, кажа Трајковски.
Трајковски кажа дека преку старо кумство биле поврзани со семејството Ѓорчевски, а Александар му бил кум за првата свадба, но сепак немале контакт меѓу 15 и 20 години, се до исчезнувањето на Вања. Го контактирал својот кум, откако неговата мајка Кираца Трајковска, му кажала да му се јави да му помогне во целиот случај. Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегчиќ изрази задоволство од исказот на Трајковски.
-Се е во полза на одбраната на одбраната на Александар Ѓорчевски, бидејќи Гоце Трајковски изнесе буквално се што знае, дејствија кои ги преземал во текот на целата постапка, во еден дел и по барање на полицијата, изјави Туфегчиќ.
Со сведочењето на Гоце Трајковски исцрпена е целата листа на сведоци. Денешното рочиште мина со неколку опомени за адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, но и со довикувања од членови на Десна кои како јавност го следат процесот. Одбраната на Палевски поднесе и ново барање за изземање на судијата, кое експресно беше одбиено.



