Смената на „Адидас“ со „Најк“ која почнува од 2027 година во германската репрезентација, предизвика големо неверување во јавноста, до таа мера што реагираа и некои од високите политичари на земјата, како заменик канцеларот Роберт Хабек.
Германија после 73 години, односно од 1954 година, ќе го замени Адидас, и во иднина, до 2034 година ќе се „облекува“ во „Најк“.
Во Германија која е во економски пад, се смета дека исфрлањето на Адидас само дополнително ќе ја „зацрни“ сликата, откако веќе еден симбол на германската индустрија – Фолскваген нема да биде партнер на ЕП 2024.
„Тешко можам да го замислам германскиот дрес без трите линии на германскиот бренд Адидас“, реагираше министерот за економија и вицеканцелар Роберт Хабек.
„Адидас и црно-црвена жолта боја, за мене отсекогаш биле нераздвојни, како дел на германскиот идентитет. Во овој случај би го ценел малку повеќе локалниот патриотизам“, рече Хабек.
Освен во политичките кругови, неодобрување наиде и во целата земја, како и низ медиумите.
„Ова е поради пари“, критикува „Шпигел“, додека неофицијални информации шпекулираат дека германската федерација ќе добива 100 милиони евра годишно, или двојно повеќе од сегашниот договор на „Адидас“.
„Неверојатно, репрезентацијата припаѓа на Адидас, неразбирливо е дека можеме да избереме американски бренд наместо наш“, се само некои од коментарите на социјалните мрежи.
Од друга страна компанијата „Најк“ соопшти дека е длабоко почастена од тоа што е одбрана нивната компанија за иден бренд спонзор на Германија.