Герасимовски: Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава

185

Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.

„Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици – првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација“, изјави Герасимовски.

Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.

Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.

„Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок“, рече Герасимовски.

Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.

„Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични“, додаде градоначалникот.

Претходна вестД-р Трајановски со план за Аеродром: Чиста, безбедна и достоинствена општина
Следна вестКривични пријави за загрозување на животната средина со отпадот во Скопје против в.д. директорот на ЈП „Комунална хигена“ и уште едно раководно лице