Кандидатот за претседател на СДСМ проф. д-р Венко Филипче, во интервју за „Фокус“ вели дека во партијата има одлични релации како со членството, така и со поранешни и сегашни функционери во партијата. Тој ја отфрла тезата која се шири во јавноста, како и од страна на ВМРО ДПМНЕ, дека доколку биде избран за претседател, Зоран Заев ќе биде тој што ќе ја води партијата.
„Многу бргу по мојот избор ќе видите суштински разлики во начинот на водење на партијата, кадровски промени и целосен концепт, кој ќе биде оригинален и самостоен. Јас не сум под ничие влијание, уште помалку под нечие управување. Со Зоран Заев имам одлични релации, како и со низа други поранешни претседатели, како Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски и Димитар Ковачевски, на пример. Сметам дека тоа е многу голема предност затоа што верувам дека само човек што има искрен и добар однос со сите може во вакви услови на поделеност да биде претседател на СДСМ“-вели Филипче во интервјуто.