Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) излезе со соопштение по повод неодиграното финале меѓу Алкалоид и АЕК затоа што гостите не излегоа на терен и истакна дека им ја предаде сета релевантна документација на своите правни тела и побара иницирање на правна постапка против клубовите.
Овој чекор беше преземен поради откажувањето на реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот Куп за мажи меѓу двата клуба, што требаше да се одигра во недела, на 25 мај, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Информациите што ги достави ЕХФ до правните тела, меѓу другото, се однесуваат на распределбата на билети за гостински навивачи од страна на Алкалоид во периодот пред натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да влезе на теренот и да го започне натпреварот.
На двата клуба им e побарано да поднесат свои изјави, односно информации од нивна страна, кои ќе бидат разгледани од правните тела. ЕХФ истакна дека дополнителна комуникација до јавноста ќе биде обезбедена само откако ќе биде донесена правна одлука.