Еден КУП пари, секој може да дојде до дел од овие 5 милиони евра – ова се условите за да аплицирате

0
469

Нов јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој наменет за микро, мали и средни претпријатија, со кој пет милиони евра се достапни за поддршка на технолошкиот развој на домашните компании и приватните здравствени установи, преку јавниот повик за “Ко-финансирани грантови за технолошки развој и забрзан економски раст”.

Со овој повик, ФИТР им излегува во пресрет на домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

Фондот обезбедува финансиска поддршка за микро претпријатија до 70 проценти од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2,5 милиони денари, за мали претпријатија до 70 проценти, но не повеќе од 5 милиони денари, а за средните претпријатија до 60 проценти, но не повеќе од 10 милиони денари. Апликантот обезбедува сопствено кофинансирање од 30% за микро и мали претпријатија, односно до 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот.

Дел од активностите кои се подобни за поддршка преку овој инструмент се: набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, зелени и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловни процеси, развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, подобрување на продуктивноста и ефикасноста на производствените и/или деловни процеси. Како подобни трошоци ќе се сметаат бруто платите за вработените лица, трошоци за техничка поддршка, истражување, развој, дигитализација, набавка и изнајмување на опрема, софтвер, ИКТ алатки или суровини, но и за трошоци поврзани со спроведување на планот за технолошки развој на компанијата.

Подобни апликанти се сметаат тие што ги исполнуваат критериумите дефинирани во Правилникот на инструментот, односно: трговско друштво или приватна здравствена установа, апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција.

При евалуација на проектите, најголем број на поени носи критериумот влијание врз економскиот развој (45 поени), потоа технолошкиот напредок и степен на дигитализација (35 поени) и квалитетот на проектот и капацитетот на проектниот тим ќе бидат оценувани со по 10 поени од вкупната оценка. Предност при оценувањето на проектите ќе имаат компании кои имаат жени управители и/или сопственички, проекти од помалку развиени региони и компании кои во проектниот тим имаат вклучено најмалку еден доцент, универзитетски вонреден или редовен професор и/или докторант кој ќе биде вклучен во проектот. Целта е да се поттикне женското претприемништво како и рамномерен регионален развој.

Јавниот повик за „Ко-финансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст” е отворен до 29.02.2024 година, до 14:00 часот, а компаниите можат да аплицираат исклучиво по електронски пат. Повеќе информации во врска со повикот се достапни на: www.fitr.mk или на: zabrzanrast2024@fitr.mk

Бонус видео: Манастир бил реновиран и направен ресторан за свадби – невестата и младоженецот првата брачна ноќ ја поминаа во болница.