Голем пожар избувна во популарното хрватско летувалиште Омиш, предизвикувајќи сериозни материјални штети и евакуација на дел од жителите.
Според информациите од Хрватската противпожарна служба (ХВЗ), пожарот започнал во областа Локва Рогозница, а потоа се проширил кон Омиш. На терен биле испратени противпожарни екипи, а поради опасноста од ширење на огнот биле отворени и прифатни центри за евакуираните лица.
Од пожарот биле зафатени трева, ниска вегетација и борова шума, а пламените јазици стигнале и до објекти. Според првичните информации, неколку куќи се запалени, а со амбулантско возило биле згрижени 19 лица.
Главниот командант на хрватската противпожарна служба, Славко Туцаковиќ, изјави дека ситуацијата е исклучително тешка, особено на потегот од Локва Рогозница до Омиш.
„Имавме исклучително тешка ноќ. Пожарникарите активно работат на запирање на пожарот. Противпожарните авиони се веќе на лице место и започнаа со дејствување“, изјави Туцаковиќ, оценувајќи дека станува збор за еден од најтешките пожари со кои се соочила Хрватска.
Поради состојбата, Хрватската крајбрежна стража соопшти дека десантен брод на хрватската морнарица е ставен во состојба на готовност во пристаништето Омиш, доколку биде потребен транспорт на евакуирани лица.
Пожарот избувнал во четвртокот околу 20 часот, а силниот ветер значително го отежнал гаснењето и придонел за негово брзо ширење кон населените места.
Во меѓувреме, дел од противпожарните сили биле пренасочени и кон нов пожар што избувнал на Пељешац.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните и туристите да бидат внимателни, особено поради високите температури и силниот ветер, како и да не палат оган на отворен простор.




