ДОБАР ПОТЕГ: Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

347

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на полисите за автоодговорност со што се враќаат старите цени.

Ова е епилогот по денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Комисијата предлага измени на Тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени. Конечната одлука треба да ја донесе владата.

Владата ја утврдува техничката премија, но досега немаше горна граница на трошоците за дејност, па осигурителните компании минатата недела ги зголемија.

За возило од 44 до 55 киловати поскапувањето беше околу 850 денари. Поскапувањето беше уште поголемо кај возилата со поголема моќност.

На состанокот во понеделникот, Агенцијата за супервизија на осигурувањето побара враќање на старите цени, но осигурителните компании си останаа на своето.

Од Националното биро за осигурување велат дека цената на полисата не е променета повеќе од 10 години, а трошоците за работа на компаниите значително пораснале. Со претходните цени во прашање било доведено функционирањето на осигурителните компании.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска излезе со анализа дека осигурителните компании се „полни како брод“ и оти поскапувањето е неоправдано. Според нив, трошоците од работењето може да се намалат со намалување на огромните провизии што им ги исплаќаат на посредниците за продажба. Анализата покажува дека над 45 отсто од трошоците за вршење на дејноста на 11 осигурителни компании, односно над 17 милиони евра, се потрошени за исплата на провизии. Ова осигурување е задолжително при регистрација на возилата, а неговата цена ја утврдува државата, па се поставува прашањето зошто компаниите имаат потреба од посредници кои толку многу ги плаќаат.

Претходна вестНа празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески
Следна вестЛукаревска од Македонска Каменица: На 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад