Денес е чист понеделник, почнува Велигденскиот пост – еве што не треба да правите во следните три дена

191

За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 5 мај.

Имиња на постот

Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:

Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за празникот. Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение. Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха. Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден. Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2). Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости. Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Историјат

Првпат Велигденски пост или пост за Велигден се спомнува на крајот од II век. Тој траел само три дена, вели свети Иринеј Лионски (+202г.) и сите го постеле. Така се постело во III век, во „спомен на Христовите страдања“, вели и Тертулијан (+220г.).

Кон крајот на III век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица.

А во средината на IV век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена. За тоа пишува историчарот Евсевиј Кесариски (+340г.) и свети Атанасиј Велики (+373г.) во Велигденските посланија.

Дури во V век е оформен сегашниов Велигденски пост – Велика Четириесетница.

Времетраење на постот

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страсна седмица.

Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страсната седмица.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика Недела на православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страсна или Велика недела.

Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:

Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.

Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.

Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.

Велигден е празник со непостојана дата за празнување. Празник неврзан за датум. Тој е секогаш во недела, но која недела и на кој датум? Денот не го менува, а датумот го менува.

Претходна вест(ФОТО) Народот бесен и револтиран: Лица надвор од МВР пребаруваат по лични документи на граѓаните во Велес
Следна вестПодгответе се: Денеска сончево, од утре дожд и снег