Епидемиологот Драган Даниловски реагира дека купиштата ѓубре во Скопје создале идеални услови за размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести, лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума.
– Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите.
Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци.
Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!
Прашањето што се поставува е:
Колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци (и години)?
Епидемиолошките ризици во вакви услови се реални и растат експоненцијално, пишува универзитетскиот професор.
Денес имаме научна медицина, јавноздравствени системи и антибиотици, но би било неодговорно да дозволиме да се создава биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град.
– Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине!
Преминат е Рубиконот. Нема назад.
Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“).
Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните.
Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.
Потребна е најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност”, аргументира Даниловски.
