Познатиот српски музичар и татко на пејачката Марија Шерифовиќ, Рајко Шерифовиќ, почина денеска во болница во Крагуевац по кратко, но тешко боледување, објавија српските медиуми.
Рајко беше еден од најомилените музичари во Србија, познат по својот талент, харизма и искрена љубов кон музиката. Последен пат се појави во јавноста во март годинава, на концертот на својата ќерка Марија, кога таа емотивно му се обрати од сцената со зборовите: „Рајко, легендо.“
Роден и израснат во Крагуевац, целиот свој живот го посвети на музиката. Беше познат како одличен тапанар и член на повеќе бендови, а зад себе остави бројни пријателства и соработки на музичката сцена.
Во 1982 година се оженил со пејачката Верица Шерифовиќ, со која ја добил ќерката Марија. Бракот траел две децении, а по разводот во 2003 година, Рајко повторно се оженил и од тој брак го добил синот Даниел Павловиќ.
Пред две години, Шерифовиќ доживеал мозочен удар и поминал неколку месеци во болница. Иако успеал делумно да закрепне, здравствените проблеми повторно се појавиле.
По неговата смрт, Марија се прости од татка си со емотивна порака на социјалните мрежи:
„Мојот татко. Мојата омилена бараба. Знам дека Господ сака такви и дека те чека некоја рајска градина. Чувај не таму каде што си сега. Твојот шампион.“
Смртта на Рајко Шерифовиќ предизвика голема тага во музичките кругови низ Србија и регионот. Колегите го опишуваат како човек со големо срце, ведар дух и неисцрпна енергија.
Рајко почина во родниот Крагуевац, оставајќи зад себе две деца и богато музичко наследство кое засекогаш ќе остане дел од балканската сцена.



