Буџетот за социјални услуги за 2025 година за 40% пократок од годинашниот креиран со ребалансот

9931

Усвоениот буџет за 2025 година предвидува за 40% помалку пари за социјални услуги, во однос на тие со кои располагаа лицата со попреченост годинава, по ребалансот на буџетот во август. Кратењето од скоро 9, 5 милиони евра на близу 4 милиони, е погребување на компезационите права на лицата со попреченост, во однос на користењето на социјалните сервиси и услуги, велат од Коалицијата „ Менуваме“. Според нив, намалувањето на средствата ќе значи неизвесност или губење на повеќе социјални сервиси , но и гаснење на центрите во Банско и Демир Капија.

„Под кирија се земени тие објекти и вие сега ако не ги сервисирате кириите, тие ќе бидат оставени едноставно на улица, ќе бидат избркани. Тука го доведуваме системот во голем ризик. Ако ние имаме сега лица со попреченост кои што користат персонална и негувателска услуга, овие корисници ќе можат да користат , ама и тоа ќе биде како и до сега. Значи два месеци да се доцни, па три. Па, луѓето да бидат во информативен мрак. Термините на матичните лекари , кога ќе ги аплицираме за преглед на слепило, или да речеме за нега од трето лице, термините нема да бидат пуштени, изјави Суарет Алишан, координатор на Коалиција „Менуваме“.

Според Алишан , поради пренос на податоци од стар на нов софтвер во Министерството за социјална политика, доцни и исплатата на додатоците за попреченост и за нега од трето лице. А, со тие пари ги покриваат потребите за лекови и за други услуги.

-Имате семејства кои што се тотално слепи. Тие од тие пари зависат, не работат и не добија пари. И замислете сега, како ќе им биде на нив за Нова година и немаат никакви лекови“ изјави Суарет Алишан, координатор на Коалиција „Менуваме“.

Од Коалицијата реагираат и што сѐ уште не се исплатени надоместоците за персоналните асистенти, за октомври и ноември.

А, од Министерството за социјална политика смируваат дека нема простор за грижа поради скратениот буџет за социјални услуги. Со ребаланс на буџетот, кој што идната година се очекува да биде во јули, поради локалните избори наесен, ќе се процени состојбата и ќе се предвидат средства за нормална исплата на надоместоците и услугите, велат од ресорот. Од таму повикуваат на разбирање кај корисниците , во врска со преносот на податоци од стар на нов софтвер, и уверуваат дека за неколку дена проблемот ќе биде надминат. Тоа се однесува и за исплатата на надоместоците за лични асистенти, додаваат од Министерството за социјална политика.

Претходна вестКостадиновски: Никој не го доведува во прашање албанскиот јазик, лага и манипулација е дека ќе биде укинат!
Следна вестЛицата со попреченост реагираат: Пари за тендери има – за лица со попреченост НЕ