Христијан Плотников, член на партијата Десна, денеска сведочеше дека Љупчо Палевски имал пиштол кој го носел заради своја безбедност, но дека му бил одземен затоа што немал дозвола за носење, туку за поседување.
Плотников рече дека се познавал со Палевски од 2017 година и секојдневно комуницирале поради движењето „Бојкотирам“ за бојкотирање на референдумот, потоа биле заедно во движењето „Трета република“ и заедно ја формирале партијата Десна.
Тој вели дека речиси секојдневно одел во партијата заради поткастите, а и затоа што некое време бил втор човек на партијата.
– Јас најмногу учествував во реализација на поткастите, водев мој поткаст и му помагав на Палевски. Бев задолжен и за структурата на партијата, конкретно во Скопје. Ги познавам другите обвинети. Манев беше активен и задолжен за Велес, а Боре го гледав одвреме-навреме. Манев го знам од 2019, Кешишев од 2021, кога почна како домар во седиштето во „Опера хаус“, а од таму го знам и Боре. Потоа помалку ги гледав, енергетски се потрошив со сите активности и во партијата беа поставени нови луѓе, па јас помалку одев – рече Плотников.
Тој рече дека комуникацијата со Палески се сведувала на размена на мислења за конкретни настани во политиката. Платников рече дека не го познава обвинетиот Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
– Еден наш сопариец еднаш кажа дека Александар одел во седиштето во „Опера хаус“, но јас не сум го видел – рече Плотников.
– Дали сте биле присутен кога Палевски разговарал со Александар? – праша обвинителот.
– Не, никогаш не ми кажувал со кого разговара, а мене не ме ни интересира тоа – рече Плотников.
Тој додаде дека партијата се самофинансирала врз основа на солидарност, гледале кој колку може да одвои, а тој плаќал за интернет.
– Што знаете за возилото „рено канго“? – праша обвинителот.
– Беше во сопственост на Ѓорги Џолев, еден од основачите. Тој повеќе време беше во странство и ни ја даваше колата. Требаше да се селиме од Кисела Вода до кај „Веро џамбо“ и тој ни ја даде колата за тоа. Многу луѓе ја возеа колата, во периодот кога се селевме. Имавме многу опрема, како партија која функционира во цела држава и два дена ја селевме. Опремата служеше за реализација на поткастите. Значи, се работи за субјект кој од движење прерасна во партија и имаше многу опрема, документција, реквизити за протести… Само кабли имаше 2 до 3 километри – рече Плотников.
– Имаше ли радиостаници и за што ви служеа? – праша обвинителот.
– За фаќање прашина, никој не ги користеше. Ги гледав правливи во штабот во Кисела Вода. Кај „Џамбо“ не сум ги видел – рече Плотников.
– Имаше ли пиштол во штабот? – праша обвинителот.
– Во штабот не, кај него лично да. Го носеше за своја безбедност, откако врз него беше извршен физички напад за време на короната. Тој си го носеше поштолот, до оној момент кога му го одзедоа, после не сум видел пиштол. Си го држеше покрај него, на пола метар на дофат. Го држеше во фиока, на масичка. Потоа му го одзедоа затоа што излегол со пиштолот, а дозволата не му била за носење, туку за поседување. Медиумите пишуваа дека му бил одземен при контрола, а тогаш со него беа Манев и Кешишев – рече Плотников.
– Зошто имал пиштол? – праша обвинителот.
– Го нападнаа со метални шипки пред неговиот дом. Секој нормален човек ќе се исплаши за својот живот – рече Плотников.
– Бевте ли во штабот на партијата на 29 или 30 ноември 2023 година? – праша обвинителот.
– Да, одев во тој период, но не секој ден. Во тој период го пренесував знаењето на новиот претседател на Централниот комитет. Многу луѓе одеа во штабот, најчесто таму беа Кешишев и Палевски – рече Плотников.
– Дали Палевски беше таму на 30 ноември? – праша обвинителот.
– Не. Тоа беше петок, ми се јави генсекот и ми кажа дека во моментот Џоле е накај стница, затоа што жена му ја викнале од Крвни деликти. Реков јас одам на поткаст каде што сум гостин. Потоа ми се јави генералниот секретар дека Џоле уште е во станица, па јас решив да отидам во штабот. Миле, генсекот, ми рече дека Рита е повикана, јас знаев дека Палевски не е во државата и решив да одам во штабот, оти таму беше Кешишев сам – рече Плотников.
– Од каде знаевте дека не е во државата? – праша обвинителот.
– Десетина дена претходно тој ни кажа дека наскоро ќе оди во Турција, на операција. Бевме 5 до 6 луѓе кога го кажа тоа. Му рековме дека треба да се одржи Централен комитет, а тој одговори дека мора да се научиме и без него да одржиме централен комитет – рече Плотников и додаде дека бил приведен во полиција и дека мобилниот телефон го дал на крим техника.
– Кога излеговте од станица, со кого се видовте? – праша обвинителот.
– Со Џоле и со Васко, сите бевме збунети од ситуацијата. Васко го носеше Палевски во Белград. Кога отидов во штабот вечерта пред претресот видов дека има паркиран „сеат“ со полиција. Алфите беа таму, па затоа претпоставував дека ќе влезат во партијата и влегов во штабот. Кешишев велеше дека сѐ во ред и дека можам да си одам, но јас останав во штабот, затоа што човек ни беше приведен веќе неколку часа, па решив да останам – рече Плотников.
– Го побаравте ли Палевски тогаш? – праша обвинителот.
– Не. Васко им кажа на инспекторите дека го однел Палевски на преглед во Белград – рече Плотников.
– На кој начин комунициравте? – праша обвинителот.
– Најчесто на Телеграм, со повици и со текст. Преку мобилен телефон – не. И со другите комунициравме преку Телеграм – рече Плотников.
– Дали се познавате со Стефан Димковски? – праша обвинителот.
– Да, тој исто ги имаше редуцирани посетите во партијата во последно време поради приватни обврски. По настаните не сум се видел со Димковски – рече Плотников.
На прашање од Палевски дали имало некакво чудно однесување за време на претресот во партијата, Плтников рече:
– Не од полицајците, туку од Кешишев. Тој инсистираше дека сѐ е во ред и да си одиме. Сомнително ми беше тоа што бара да си одиме, во моменти кога наш висок член е во полиција. Кога полицајците прашаа дали ни треба адвокат, тој рече „не“. Тоа исто ми беше чудно. Не кажаа што бараат. Зедоа еден мобилен телефон, што го користеше партијата и игли од шприц што беа користени за лекување на маче.
– Кога ве уапсија? – праша Палевски.
– После претресот. „Рено кангото“ беше блокирано од „фиат добло“, полицијата ми рече да го преместам „доблото“. Јас првин не сакав, оти немав ракавици а претпоставував дека и тоа возило ќе се вештачи. Полицајците ми рекоа слободно да го преместам. Го преместив и после тоа ме уапсија – рече Плотников.
– Дали ме спомнаа кога те испрашуваа во полициска станица? – праша Палевски.
– Не. Суштински само едно ме прашаа, каде бев на 27 ноември 2023 година. Им кажав дека децата ги носам во школо – рече Плотников.
– Дали ви е познато името на инспекторот Зарински? – праша Палевски.
– Не знам кои беа инспекторите кои вршеа претрес и кои ме испрашуваа – рече Плотников.
На прашањето од судијата, дали го познава Александар, Плотников рече:
– Не, знам само дека порано доаѓаше со сопругата во штабот кај „Опера хаус“, кај адвокатската уличка.
Извор: Плусинфо