Австриските истражители привеле 39-годишен маж во врска со обид за уцена на компанијата „HiPP“, потврди портпаролка на Јавното обвинителство во Ајзенштат.
Осомничениот бил уапсен на територијата на Австрија, а неговиот идентитет засега не се објавува поради тековната истрага. Од полицијата информираат дека во моментов се врши негово испрашување.
Според првичните информации, непознато лице се обидело да ја уцени компанијата со закана дека ќе контаминира бебешка храна со отров за стаорци. Во рамки на истрагата биле откриени вкупно пет сомнителни теглички во Австрија, Чешка и Словачка.
Во една од запленетите теглички во Австрија, со тежина од 190 грама и означена како „морков со компир“, истражителите пронашле околу 15 микрограми отров за стаорци. Точниот состав на супстанцијата сѐ уште не е официјално соопштен.
Паралелно, властите трагаат по уште една потенцијално контаминирана тегличка на територијата на земјата.
Слични случаи на уцена преку закани со затруена храна не се реткост во минатото, а големи компании често биле мета на вакви обиди. Ова не е првпат бебешката храна да се најде во центарот на ваков инцидент.
Компанијата „HiPP“, основана пред повеќе од 120 години во Баварија, денес има седиште во Закселн, во швајцарскиот регион Обвалден.




