Авионите за гаснење на пожари со кои располага државата се исправни, но проблем е што нема пилоти што ќе управуваат со нив, вели државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи, Драги Тарчуговски.
Сепак, Тарчуговски вели дека со „ертракторите“ управува Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и тие треба подетално да кажат дали се исправни и дали може да бидат оперативни.
Тој вели дека секаде во светот недостасуваат пилоти за „ертракторите“ и тоа пред сѐ во Европа, а во медитеранските земји, додава дека имаат постојано отворени конкурси.
„И јас би сакал да бидам пилот, но, не може лесно да се биде пилот. Сепак, за да се биде на ‘ертрактор’ е дури потешко, отколку пилот на обичен, комерцијален авион што превезува стотина патници. Зашто тој треба да полни вода во лет, треба да испушта вода на точно определена точка, тоа е една од најкомплицираните професии“, рече Тарчуговски денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на тоа дали проблемот е што нема интерес од граѓаните да се пријават и да ги поминат обуките за пилоти на „ертрактори“ или, пак, платите се ниски, Тарчуговски рече дека тие се платени согласно можностите што ги има во моментов.
„Дали е тоа доволно или не, бидејќи имаше некои изјави дека пилотите што се отидени во пензија би продолжиле да работат хонорарно доколку им се обезбеди 3 000 евра плата месечно, тоа се работи што ќе ги разгледа новата влада и ќе пресече вака или онака. Тоа е прашање што заслужува посебно внимание бидејќи станува збор за клучен персонал што не е лесно да биде обучен. А дали е висока или ниска платата, е сосема друго прашање“, рече Тарчуговски.