Македонската ракометна репрезентација им ја затвори устата на критичарите. Тие покажаа како се игра за својата држава, па по поразите од Франција и Германија, вечерва ја совладаа Швајцарија со 29:27.
Македонската ракометна репрезентација на последниот меч од групната фаза на ЕП ја совлада Швајцарија со 29-27 и заврши како третпласирана во својата група А. На оваа средба останавме без капитенот Никола Митревски, кој се повреди, на негово место застана Мартин Томовски, кој беше одличен на голот.
Со оваа победа од два гола, Македонија обезбеди место во првиот шешир за баражот за СП.
Во „Мерцедес Бенц Арена“ видовме една поинаква Македонија. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа цврсто во одбраната, а многу подобро во нападот. Во првите 12. минути беше изедначено, се менуваше водството. Томовски едноставно го затвори голот и дополнително ги мотивираше своите соиграчи. Македонија со една долга серија (6-0) успеа да го урне отпорот на Швајцарија. Митев, Пешевски, Костески и Кузмановски поведе со 10-5 во 22. минута.
Швајцарија постави игра „седум на шест“ во немоќ да постигне гол, тоа го стори после долга пауза, Шмид реализираше два и Зендер еден гол за 10-8 во 25. минута. Ова беше период во кој Македонија направи две технички грешки, Лазаров повика тајм-аут. Одговоривме преку Пешевски, Јагуриноски и Кузмановски за 13-8 во 27. минута, Томовски запиша нова одбрана. На одморот резултатот беше 13-9.