Реваншот од финалето на ЕХФ Европскиот куп почна со скандал откако гостинскиот тим АЕК одби да излезе на теренот за да стартува мечот со Алкалоид.
Уште при најавувањето на екипите беше очигледно дека грчкиот тим не истрчува на терен, за по излегувањето на ракометарите на Алкалоид да биде објавено дека почетокот на мечот ќе доцни.
Неофицијално, Грците немаат намера да се појават на терен се додека на трибините не се појават нивните навивачи, кои пристигнаа во Скопје и наскоро би требало да влезат во СЦ „Борис Трајковски“.
За очекување беше Грците во знак на ракометна немоќ да се служат со најразлични рецепти, но оваа провокација на непочнат натпревар е најава дека реваншот од финалето воопшто нема да мине мирно како што се надеваа од таборот на Алкалоид.
За да биде апсурдот уште поголем, според информациите, навивачи на АЕК уште во текот на денот биле присутни во хотелот на грчките ракометари и не им дозволувале воопшто да го напуштат хотелот. А, сега, пак, ракометарите на АЕК не излегуваат на теренот се додека не се појават на нивните навивачи на трибините во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.



