Трагична несреќа во Словенија: Меѓу тројцата загинати Македонци има и дете

Тројца македонски државјани, меѓу кои и едно дете, загинаа во тешка сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи во близина на Копер, Словенија.

Несреќата се случила околу 16:28 часот, кога патничко возило со италијански регистарски таблички, во кое се превезувале пет лица, удрило во камион кој бил запрен на сервисната лента поради дефект.

Според првичните информации од словенечките надлежни институции, камионот бил заглавен на паркинг место меѓу заштитната ограда и работната бариера пред Равбаркоманда, а патничкото возило удрило во задниот лев дел од приколката.

Лекарските екипи кои пристигнале на местото на несреќата можеле само да ја констатираат смртта на тројцата патници. Двајца други сопатници биле повредени и веднаш пренесени на лекување – едниот со хеликоптерска медицинска помош, а другиот со возило на Брзата помош.

Институтот за спасување „Пас“, организација која работи на подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот, потврди дека меѓу загинатите има и малолетно лице.

На местото на несреќата интервенирале пожарникари од Доброволната противпожарна служба Церкница, медицински екипи и полицијата. Биле присутни и дежурниот истражен судија и државниот обвинител, кои извршиле увид и започнале истрага за причините за несреќата.

Поради тешката сообраќајка, автопатот бил целосно блокиран околу пет часа, по што сообраќајот постепено бил нормализиран.

Словенечката полиција најави дека денеска се очекуваат повеќе детали за несреќата, како и официјални информации за околностите што довеле до трагичниот удар.

Претходна вестШто точно треба да направиме денес за празникот Голема Богородица – едно правило само малкумина го знаат