Бугарската музичка сцена е во тага по веста за смртта на музичарот, продуцент и текстописец Бојан Христов, кој почина по долга и тешка борба со онколошко заболување.
Веста за неговата смрт ја објави БГ Радио, од каде посочија дека станува збор за голема загуба за бугарската музика и за сите кои го познавале Христов и имале можност да соработуваат со него низ годините.
Христов подолг период се борел со болеста, а неговите блиски, пријатели и колеги организирале и хуманитарна акција за собирање средства за неговото лекување, со цел да му помогнат во најтешките моменти.
Во текот на својата кариера, Бојан Христов остави значајна трага во бугарската музичка индустрија. Работеше како продуцент, текстописец, пејач, аранжер и вокален педагог, а зад себе остави бројни музички проекти и соработки со дел од најпознатите имиња на бугарската поп-сцена.
Меѓу артистите со кои соработувал се Марија Илиева, Љубо Киров, Поли Генова, Хилда Казасян, Михаела Филева и Маријана Попова.
Бојан Христов бил роден во Пловдив, во музичко семејство. Неговата мајка била класичен музичар, а неговиот татко бил дел од музичка група, што уште од најрана возраст го насочило кон уметноста и музиката.
Иако по образование бил актер, неговата најголема љубов останала музиката. Уште како млад сакал да биде дел од целиот процес на создавање – од пишување песни и правење аранжмани, до креирање на целосниот концепт на музичките проекти и начинот на кој изведувачите ќе бидат претставени пред публиката.
Неговата смрт предизвика голема тага меѓу пријателите, колегите и обожавателите, кои се простуваат од човекот кој со својот талент остави неизбришлива трага во бугарската музика.




