Еден од најопасните пожари во Македонија: Над 20 куќи изгореа во Чаниште, пожарот се закануваше и на манастир

Голем пожар се закани на манастирскиот комплекс во тетовското село Туденце, а во недостиг од доволен број противпожарни екипи, во неговото гаснење се вклучија доброволци од Скопје, Гостивар и Тетово.

Според Дирекцијата за заштита и спасување, нивната интервенција била клучна за пожарот да не се прошири до самиот манастирски комплекс.

Критична состојба имаше и во мариовското село Чаниште, каде огнената стихија зафати повеќе од 20 куќи и плевни. Четворица жители побарале медицинска помош поради вдишување чад, а надлежните не ја исклучуваат можноста пожарот да бил подметнат.

Поради зголемениот број пожари, Центарот за управување со кризи издаде портокалово предупредување за висок ризик од пожари на отворен простор.

„Поради актуелните временски услови постои висок ризик од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет на целата територија на државата. Апелираме на максимална внимателност“, соопштија од ЦУК.

Од институцијата ги повикуваат граѓаните да не палат оган на отворено, да избегнуваат престој во високоризичните подрачја и секој забележан пожар веднаш да го пријават на бројот 112.

Покрај пожарите, Македонија е зафатена и од топлотен бран со високи температури, кои, според Управата за хидрометеоролошки работи, ќе продолжат и во наредните денови.

Пожарите низ државата се гаснат и од земја и од воздух, а на терен е ангажирана целокупната расположлива механизација и противпожарни сили.

Претходна вестВозило излета од патот и удри во работник – има и повредени