Струмичко во шок: Млада девојка го загуби животот во судир на автомобил и мотор

Деветнаесетгодишна девојка го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа пред полноќ на магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село, во атарот на село Турново.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 13 август околу 23:30 часот, кога се судриле патничко возило „сеат леон“ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.Б.(29) од Струмица, и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од А.Д.(19) од село Иловица.

Во несреќата, на местото на настанот починала 19-годишната К.Ј. од повредите здобиени при судирот. Таа била сопатничка на мотоциклот, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.

Возачот на мотоциклот се здобил со телесни повреди, по што бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.

На местото на несреќата бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Струмица. При проверка на возачот на автомобилот било утврдено дека управувал под дејство на алкохол, при што алкотестот покажал 1,75 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода.

Од полицијата дополнително информираа дека било констатирано и дека возачот на мотоциклот управувал нерегистрирано возило и пред да се стекне со право за управување моторно возило.

Поради увидот, магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село кај Турново бил целосно затворен за сообраќај во двата правца од полноќ до 02:30 часот.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатата девојка е предадено на обдукција, а надлежните продолжуваат со расчистување на причините за несреќата.

Претходна вестДраматично во Омиш: Пожарот стигна до куќи, евакуирани жители и туристи
Следна вестЗападнонилската треска однесе уште еден живот, на Инфективна клиника почина пациент од Скопје