УХМР најавува пресврт со пороен дожд и пад на температурите – еве и кога

Периодот на екстремно топло време со дневни температури кои достигнуваат и до 40 степени ќе се задржи во текот на утрешниот ден и во среда.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, промена на временските прилики пристигнува во четврток, кога се очекува дестабилизација на атмосферата, проследена со поројни врнежи од дожд, електрични празнења, засилен ветер и пад на температурите за неколку степени.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска и за следните два дена се прогнозира сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Денешните мерења во 17 часот покажаа највисоки температури во Кавадарци и Велес, каде што се измерени 38,8 степени, додека во Скопје температурата достигна 37,6 степени. Најсвежо во истиот термин беше на Попова Шапка со измерени 21,7 степени.

Попладневните часови денеска на одделни места носат краткотрајна нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи. Во Скопје ќе преовладува сончево време со дување на слаб до умерен ветер од јужен правец.

По неколкудневниот топлотен бран, во четврток и петок се очекува значителна промена на временската состојба. Атмосферската нестабилност ќе донесе поројни врнежи од дожд, појава на грмежи и засилен ветер од северен правец.

Метеоролозите предупредуваат дека локално процесите може да бидат во форма на невреме. Поради нестабилноста, дневните температури ќе забележат пад и во петок ќе се движат во интервал од 32 до 38 степени, додека утринските минимални температури ќе се спуштат до 10 степени во повисоките места.

Претходна вестОвие луѓе ги очекува неочекуван прилив на пари во следните денови
Следна вестПристигнуваат тестовите за дрога – што треба да знаете?